Пропадна барањето на Јово Вангеловски во Врховниот суд


Врховните судии на општа седница го отфрлија барањето на поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски и судијката од истиот суд, Рахилка Стојковска, за изземање на членови во жалбените совети кои одлучуваат по жалбите на одлуката на Судскиот совет за нивно разрешување. Ова го објави Врховниот суд во официјално соопштение.

Во истото соопштение Врховниот суд  го објавува и својот став околу барањата на партиите во предизборниот период и нагласува тие да останат надвор од судството. Во соопштението, меѓу другото, се нагласува:

„Независноста на судството е неопходна за обезбедување на непристрасна правда, и поради тоа, судијата истата треба да ја поддржи и да дава пример на судската независност, во нејзиниот индивидуален и институционален аспект. Во тој контекст, Општата седница укажува дека работењето на Врховниот суд на Република Северна Македонија е во согласност со горенаведените принципи при што се раководи од постојните законски одредби, слободното судиско убедување и најдобрите практики и без никакво влијание, со цел обезбедување на единство во примената на законите.

Анализирајќи ги последните настани организирани од страна на политичките партии, општата седница укажува на потребата од обезбедување на услови за независно и непристрасно постапување на судовите во согласност со законот и другите релевантни акти, притоа отфрлувајќи секаков вид на надворешно влијание врз правораздавањето.

Општата седница искажува загриженост од таквите и слични, евентуални идни однесувања на политичките партии, особено во изборен период и за предизборни цели, притоа апелира на воздржаност и соодветно комуницирање, без да се загрози независното и самостојно постапување на судската власт и судиите“, стои во соопштението од Врховен суд.