Европската перспектива на Балканот: мит или реалност?
Пред 15 години во Солун европските лидери свечано изјавија дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ. ЕУ чекаше повеќе од една деценија и по три крвави војни, по падот на комунистичкиот режим и федерална Југославија, за да заклучи дека мирот, стабилноста и демократијата во овој турбулентен регион не може да се издвои од членството на регионот во ЕУ.
Во 2003 година никој не можеше да замисли дека европскиот пат на Западниот Балкан ќе биде толку бавен. Никој не можеше да замисли дека во 2017 година само Хрватска станала членка на ЕУ и дека неодамнешната изјава на претседателот Јункер за стратегијата за Балканот за 2025 година ќе биде видено како огромен успех! Со други зборови, невозможно беше дури и да се замисли дека оптимистичкото сценарио за европската перспектива на регионот се наоѓа на временска дистанца од 40 години сметајќи од денот кога тие земји решија да се зачленат во ЕУ.
Кој е виновен?
Што се случи тогаш и зошто процесот на пристапување се одолговлекува?
Официјалната верзија на ЕУ ја става одговорноста единствено врз грбот на земјите од регионот, обвинети дека не ја завршиле “домашната работа”. Демократските и економски реформи се бавни; има дури и назадување, особено во демократијата и човековите права. Уставните и билатерални спорови се уште го блокираат напредокот. Регресивниот национализам, авторитарните искушенија, широко распространетата корупција и организираниот криминал се сé уште големи пречки за да се исполнат условите за влез во Унијата.
Несомнено, и без оглед на вообичаениот заштитнички став на официјалниот дискурс на ЕУ, лидерите и елитите на Западниот Балкан носат најголема одговорност за трагедиите на 90-тите години, но и за бавниот напредок. Сепак, ова е само дел од приказната.
ЕУ и Западот имаат исто така свој удел. Прво, Германија, Австрија и подоцна геополитичките аспирации на САД играа значајна улога во катастрофалниот распад на Југославија; различните стратегии во ЕУ ја парализираа Унијата во нејзините обиди да ги сопре војните; грчките мрачни политики кон Македонија создадоа страдања и го хранеа национализмот во оваа земја; а западното менаџирање на Косово креираше опасен дестабилизирачки преседан во регионот и на целиот континент.
Второ, застојот на процесот на проширување на ЕУ кон Балканот во голема мера се должи на “заморот од проширувањето”, доминатната теза во последното десетлетие. Овој замор и зголемувањето на евроскептицизмот во Унијата се две страни на истата медаља. Тоа е погрешната реакција на оправданата загриженост на граѓаните во однос на насоката кон која одат нивните општества и Европа.
Граѓаните реагираат на невработеноста во Европа, на несигурноста, зголемувањето на нееднаквостите и бирократијата што им се претставени како единствена можност. Граѓаните разбраа дека проширувањето има за цел да го поткопа европскиот социјален модел и да промовира неолиберална агенда.
Префрлувањето на вината за оваа ситуација врз проширувањето, а не врз силите кои го користеа проширувањето за остварување на нивните цели, е исто толку погрешно колку и денешното свртување кон ксенофобијата и популизмот како лек за денешните предизвици.
Сепак, едно е јасно: граѓаните на ЕУ, оние што ја отфрлаат сегашната форма на Европа, најверојатно нема да го поддржат ни нејзиното понатамошно проширување. А владите, под директно или индиректно влијание на десничарските популисти, ќе го следат овој пример и покрај тоа што геополитичките интереси јасно укажуваат дека проширувањето кон Балканот, па и пошироко, е корисно.
ПР операција или вистинска пресвртница?
Оптимистите на ова би рекле дека европската перспектива на регионот значително се подобри во текот на минатата година. Ова е ставот што го проектираат Брисел и некои престолнини на ЕУ, кои, патем, сега го признаваат она што жестоко го отфрлаа до неодамна: дека проширувањето навистина беше заглавено. Сега се вели дека во март минатата година Европскиот совет за прв пат, по повеќе години, ја повторил својата заложба за европската иднина на Западниот Балкан и дека новата стратегија на Комисијата, објавена на почетокот на февруари, ќе биде главната пресвртница.
Дали има суштина во оваа промена на ставот или гледаме уште една ПР-операција чијашто цел е маскирање на реалноста?
Навистина, постојат причини за ова бриселско и берлинско обновување на фокусот кон Балканот: прво, големиот нерационален западен анти-руски „крстоносен“ поход, кој потсетува на Студената војна, многу го преценува руското присуство и влијание на Балканот и цели кон негово уништување. Второ, бегалската криза и клучната улога на балканската рута. Трето, регионот останува чувствителен, особено поради се уште нерешеното прашање за Косово, хаосот во Босна и Херцеговина и растот на албанскиот иредентизам. Сите овие фактори придонесуваат ЕУ да ги снижи копенхагенските критериуми и да присвои реалполитички пристап кој вклучува удобни врски со авторитарни и корумпирани лидери.
Обновената реторика за европската перспектива е дел од размената во таквите врски.
Балканските лидери се колнат во соработката со Русија, бегалците или Косово, додека ЕУ им ветува напредок на патот кон Европа. Овие ставови сепак се контрадикторни: ветувањата на ЕУ за пристап додека се напуштаат воспоставените услови. Се разбира, малкумина би зажалиле за гаснењето на строгиот, колонијален тип на условувања што постојано растеа за да го прикријат заморот од проширувањата. Овде, сепак, она што е напуштено не се бирократијата и ароганцијата за свој интерес, туку суштината на условите за проширување, демократијата и човековите права. Освен тоа, властите на ЕУ, под влијание или реагирајќи на популистичкиот притисок од десните партии тешко дека ќе прифатат нови членки само поради геополитичките обѕири. Па така сомнежите во оптимизмот за новите проширувања е тактичен.
Руска фобија и изградба на европска тврдина
Вистина е дека има некој суштински позитивен напредок: се чини дека Брегзит и растечката екстремна десница во Европа генерираше свесност дека ни е потребна Европа, вистински силна Европа. На пример, за првпат по долги години, поддршката за проширувањето, иако малцинска, бележи пораст. На терен, демократската промена во Македонија од минатата година изгледа ветувачки. Утешно е тоа што ЕУ сфаќа дека стабилноста на Балканот е неминовно поврзана со приклучувањето кон Унијата.
Сепак, перспективата за пристап на Балканот, главно базирана врз фобијата од Русија и соработката за градење на „европска тврдина“, е несреќна и кревка. Западниот Балкан е дел од Европа, а ЕУ во својот корен е инклузивен проект, силно потпрен врз солидарноста. Подлабоката причина за европската криза е слабеењето на солидарноста пред предизвиците на глобализацијата. Северно-јужната европска рута, источно-западната бегалска криза, растот на екстремната десница, сепаратистичките движења на богатите. Ова е уште една длабока причина за заморот од проширување.
На ЕУ и треба радикална промена
Европската перспектива на регионот, како и иднината на самата Унија, ќе биде осигурана ако Унијата ја стави солидарноста во центарот и ја смени насоката. Солидарноста не е милостина, туку самосвесен сопствен интерес. Според мене, постои итна потреба демократските и про-европски сили во земјите од Западен Балкан да се позиционираат во овие широки европски прашања. И покрај тоа што овие земји, разбирливо, би можеле да посакаат да ги експлоатираат, тие нема да си обезбедат сигурно место во Европа само со примената на нео-либералната агенда или слепото служење на геополитички интереси на западните сили. Тоа не е Европа која нивните народи ја посакуваат. И би било навистина штета доколку дозволат борбите за национално достоинство и социјална правда да бидат жртви на авторитарни и корумпирани лидери. Она што е потребно денес е пан-европски, про-европски, прогресивен фронт што се бори за радикална промена на насоката на ЕУ. Балканот, Западот, Истокот и Југот имаат свое место во оваа борба.
Дозволете ми мојот завршен збор да биде како грчки граѓанин. Политичките промени во Скопје отворија голема шанса за крај на бесмислениот 25 годишен спор со нашиот сосед за нивното име и национален идентитет. Овој спор е во главно резултат на грчкиот национализам одгледуван од болниот политички систем. Сегашната грчка Влада се чини дека има политичка волја за компромис.
Но пречките се тука и, под разни изговори, како и во минатото, доаѓаат од националистички и опортунистички сили, повеќе или помалку хоризонтално распространети низ политичкиот спектар, но најприсутен во десницата. Јас искрено се надевам дека нема да дозволиме оваа можност да биде изгубена. За интересот на нашите две земји и за регионалната стабилност.
Автор: Сотирис Валден, поранешен директор во Генералната дирекција за проширување во Европската комисија