2020
ЛЕЈЛА САБИТ
Пополека изминува како дама од добро семејство, која добро се омажила, здрави деца родила, дочекала пензија и не очекувала дека ќе се плаши или разболе од Ковид.
Не делат денови од нова година, ама како лузна ги чувствуваме сите мигови, месеци, убави и лоши моменти, длабоки и избледени чувства, депресија и еуфорија, радост и тага, енергија и замор, надеж и очај, оптимизам и песимизам.
Се радуваме на Новата 2021 ама тешко ни е да го свртиме погледот назад, на годинава што изминува, за некого пребрзо, за некого преспоро, ретко за кого таман.
Колку луѓе, толку карактери и желби.
Некој е заглавен во минатото, некој живее само за сегашноста, а некој се радува на иднината.
За некого Новата година, е само една обична ноќ, за некого нова животна страница, за некого издувен вентил, а за некого шанса за нов почеток.
Ретко кој ќе се забавува за Нова година, некој ќе ја преспие, некој ќе се дотера, некој ќе ја слави во пижами, некој ќе биде дома, некој во викендица, некој покрај езеро, некој на планина.
Некој ќе биде носталгичен, некој еуфоричен, некој романтичен, а некој рамнодушен.
Некој ќе се изнапие, некој ќе се изнајаде, некој ќе се разбуди мамурен, некој ќе остане трезен, а некој нема да се сеќава.
Некој ќе посака многу, некој малку, некој сѐ, а некој ништо.
Некој се радува на убаво завиткан подарок, за некого најголем подарок е семејството, на некој му е важно вниманието, а некој ќе заборави.
Така беше за Нова година. Почнуваше со фолк, а завршуваше со валцер. Сега, од кревет пред ТВ на Виенски концерт без публика.
Само да сме живи и здрави, и да видиме што ќе ни донесе Новата 2021!