Македонија произведува доволно храна, а на увоз троши над 700 милиони евра годишно


Македонија има капацитет да го прехрани сопственото население. Произведува доволно компир, кромид, грав, ориз, пипер, домат, краставица, зелка, лук, грозје, јаболка, праска, слива, тиква, лубеница, свежо месо, млеко,…, се, освен пченица и јужно овошје: банани, лимони, портокали,…, а на увоз троши над 700 милиони евра годишно.

Земјоделците велат дека не е проблем тоа што Македонија увезува, туку што нема политика за заштита на домашното производство: редуциран увоз (барем во екот на сезоната, кога нашите производи стасуваат и се пласираат по пазарите) или откуп на она што ќе остане залиха.

Според бизнисот, пак, земјава е нето-увозник на земјоделски и прехранбени производи, а расположивиот потенцијал на обработливо земјоделско земјиште и пасишта не е искористен. Системот на субвенционирање е погрешен, не дава резултат, а дополнителен проблем е неконкурентноста.

Став на земјоделците

– Членка сме на Светската трговска организација (СТО) и не смееме да го спречиме увозот. Секој трговец што работи со увоз – извоз може да увезува, но ние бараме барем во екот на производство увозот да се редуцира или воопшто да не се увезува. Ако има сила или моќ, државата нека го откупи домашното производство, вели претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во струмичкиот регион Ристо Велков.

Како лош пример Велков го наведува неодамнешниот увоз на јајца кој драстично ги намали цените на нашите, домашни, кои не само што ги имаме доволно, туку и ги извезуваме.

– Градинарски производи скапуваат на нивите или се продаваат за минимални денар-два до пет денари за килограм. Македонија ги задоволува и потребите за свежо месо и вино, а сепак, и тоа увезува, додава Велков.

Според претседателот на Созјуот на земјоделски здруженија Вељо Тантаров, со оглед дека сме членки на СТО и ЦЕФТА и сме дел од слободниот пазар, кој стигне, увезува. Но, може да се стави ред, ако сака државата.

– Сите производи потребни за една трпеза, освен лебот, ги произведуваме доволно. Имаме доволно и месо и млеко. И пченица можеме да произведеме колку што ни треба, но ако имаме добра политика. Проблем е откупот, договарањето на цените, зашто при откупот, за сите производи се игра со цената преку ноќ, истакнува Тантаров.

Како може трајно млеко со 3,2 отсто масленост да се увезува од БиХ и да се продава тука за 35 денари, прашува претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија.

– Босанците немаат крави ни за во зоолошка градина. Босна увезуваше млеко од Хрватска и Унгарија и го продаваше кај нас како да е босанско, предочува Тантаров и заклучува дека профитот е клучната причина поради која и покрај тоа што имаме храна, увезуваме.

Сојузот има сознанија дека лани, поради ниската цена на јагнешкото, кланичарите и прекупците се збогатиле за 20 милиони евра, а тоа ќе се случи и годинава.

– Состојбата ќе биде уште полоша зашто пред божиќните празници за Италија и Грција нашите кланичари откупиле само 2.000 грла јагниња. Тешко на нашите овчари годинава. Имаме сознанија и дека околу 10.000 грла јунци стојат непродадени, а месо увезуваме, вели Тантаров.

За илустрација, наведува дека во неговото село Новаци, до 1994 година имало околу 2.000 грла овци, а сега нема ниту едно. Крави, пак, имало околу 700, а сега се максимум 100. Тоа, потенцира, кажува многу.

– За да им покажеме на децата што е овца, треба да купиме од пазар, дополнува Тантаров.

И претседателот на Асоцијацијата на земјоделци Евтим Шаклев смета дека за заштита и развој на домашното производство, многу е важна ценовната политика. Не смее да има осцилации во цените, а договорите за откуп треба да се долгогодишни, со стабилни цени.

– Не може сега да купиме крави кои чинат по 1.700 евра и да ги продаваме за година-две по 400 – 600 евра. Или, што се случува со млекото? Прво се нудат 18 денари за откуп, па 16, па 15. Тоа е неприфатливо, а и не е само пазарна работа. Повеќе е монопол на големите компании, вели Шаклев.

Асоцијацијата предлага донесување правилници за традиционални, мали производители во сите потсектори како вид гаранција за продажба на производството.

– Така производите нема да останат непродадени. Ако законот ми овозможува, а јас сум добар домаќин, ќе направам сопствено сирење, со пипер, феферони,.. Во Словенија производителите се ориентирани на мали производи кои се многу поскапи и поквалитетни. Зошто и ние да ја немаме таа можност? Организираме „смоквијада“, а слаткото од смокви што таму го покажуваме, нудиме, презентираме, не може да се регистрира, укажува Шаклев.

Македонија да не јаде пченица од стоковните резерви на Србија и Бугарија

Во однос на пченицата за која сме се уште увозно зависни, Тантаров е дециден: ако се направат напори да се реши откупот, тогаш ќе нема потреба да се увезува.

Тантаров е убеден дека можеме да произведеме 250 – 300 милиони килограми лебно жито колку што се и реалните потреби на домашниот пазар.

Поради лошите политики на мелничарите околу цената, утврдувањето на квалитетот и ненавремената исплата, оценува, површините се намалени и годинава се веќе сведени на максимум 80.000 хекатри за разлика од порано кога беа најмалку 120.000 хекатри.

– Пченица ќе немаме и уште повеќе нема да имаме додека судбината на производството ја решава мелничката индустрија заедно со Стопанската комора на Македонија, а можеме да произведеме доволно, ако има добра политика. Државата досега, сите влади, без исклучок, оставија пченицата, сеидбата и цената да ги договараат мелничарите со земјоделците, а таков договор никогаш не е постигнат. И да се постигне, останува на хартија, истакнуваТантаров.

Долго бараме, се надоврзува, од секоја власт, да ги отвори очите зашто во Македонија увезеното српско брашно е многу поетвино отколку на пазарот во Србија.

– Власта нека оди до Врање и таму нека купи брашно да види дека кај нас тоа исто брашно се продава два-три денари поевтино. Дали Србите кои извезуваат пченца во Македонија имаат дополнителни субвенции? Веројатно така се ослободуваат од залихите, додава претседателот на Сојузот.

Проблемот со увозот на пченицата и брашното се повторува секоја година.

– Одамна бараме државата да има преглед кој се увезува брашно и пченица. Увоз на брашно врши и компанија од текстилна индустрија, а повеќето се човек-фирми. Практично, она што го бара Правилникот за увоз на брашно не се почитува. Дали брашното увезено на Табановце се растовара во соодветни простории на увозникот или оди директно кај продавачите? Некако, се наметнува заклучокот дека увезува кој ќе стигне, вели Вељо Тантаров.

За бизнисмените е клучна конкурентноста

Имајќи предвид дека во земјоделско-прехранбениот сектор се уште имаме неискористени потенцијали чие соодветно користење може значајно да придонесе за намалување на надворешно-трговскиот дефицит со подинамичен пораст на извозот и супституција на увозот кај одделни производи, порастот на конкурентноста е клучен елемент за успех на меѓународниот и домашниот пазар, велат од Стопанската комора на Македонија.

Комората дава конкретни предлог-мерки за поконкурентно домашно производство: окрупнување на парцелите, еднаквост на сите деловни субјекти (правни лица и регистрирани имоти) на единствениот македонски пазар во остварувањето на сите форми на субвенции од земјоделскиот буџет, рационално и ефикасно користење на расположивите средства за системска поддршка (системска поддршка за потенцијално конкурентни производи и за стратешките производи за развој во синџирот на производство по примерот на етапно спроведуваните реформи во ЕУ), олеснет пристап до поволни финансиски извори на средства за откуп на земјоделски производи почитувајќи го сезонскиот карактер на земјоделското производство, функционална пазарна економија и укинување или намалување на увозните давачки за суровини или полупроизводи кои не се произведуваат или се недоволни за потребите на прехранбената индустрија.

И според Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), иако имаме голем потенцијал за земјоделство, користиме многу малку.

– Обработлива површина е само 42 отсто од земјата, доминира застарена технологија и многу малку се користат иновации. Системот на субвенционирање беше погрешен и не доведе до зголемување на земјоделските култури, односно на агросекторот воопшто. Тоа зборува дека се неопходни промени за поголеми, реални ефекти, велат од СКСЗМ.

Комората како проблем ги посочува и нерамномерниот регионален развој, како и миграцијата село-град. – Веќе нема кој да го обработува земјиштето, нема млади кои би сакале да работат како земјоделци иако во европските земји тоа е многу често, дополнуваат од СКСЗМ.

Статистика

Земјава е нето-извозник на овошје, зеленчук, преработки од месо, пијалоци и тутун. На сите други производи, вклучувајќи и дел од овие, е нето-увозник.

Според Министерството за земјоделство (МЗШВ), за увоз на храна во 2016 година Македонија потрошила 718 милиони евра, а во 2017 година, заклучно со ноември, 695 милиони евра.

Увозот по производи во 2016-та бил: овошје и зеленчук 114.944.454 килограми (86.745.175 долари), жита и преработки од жита 225.516.897 килограми (91.903.337 долари), млечни производи и јајца 38.760.801 килограми (78.517.706 долари), месо и преработки од месо 69.698.233 килограми (25.641.487 долари), добиточна храна освен жита во зрна 60.149.076 килограми (53.151.859 долари),…

Зголемување на увозот во споредба со 2015 година е евидентирано кај тутунот (од 4,8 милиони евра на 13,6 милиони), кај прехранбените производи (од 27,7 на 30,2 милиона), кај алкохолните пијалоци за 18,6 отсто (од 5,9 на седум милиони), кај чоколадите за 11,4 отсто (од 16,7 на 18,6 милиони), кај сирењето за 27,8 отсто (од 10,4 на 13,3 милиони),…

Регистрирано е и намалување на увозот, кај масло од сончоглед за 53 отсто (од 27,7 милиони евра на 22,5 милиони), кај месо од живина за 7,4 отсто (од 25,5 на 23,6 милиони), кај замрзнато говедско месо за 21,8 отсто (од 7,8 на 6,1 милион),…

Производството, пак, во 2016 година достигнало: на житни култури 637.702 тони, на градинарски 800.000 до 1.200.000 тони, на овчо млеко 41.066.000 литри, на месо 21.994 тони, на меки сирења 6.909 тони, на тврди сирења (кашкавал, биено сирење) 4.849 тони, на пченично брашно 77.973 тони, на грозје 250.000 тони, на вино 128 милиони литри,…

– Македонија е нето увозник на пченица како резултат на поголемата побарувачка во однос на производството, како и на потребата од увоз на поквалитетно пченично зрно. Лошиот квалитет и ниските приноси по хектар се причина на слаба конкурентност на домашниот пазар, каде во услови на задоволување на побарувачката напазарот се врши увоз на пченица. Увоз се бележи и кај другите житни култури кои пред се се користат како добиточна храна (пченка, јачмен и овес), но најзначајна е ставката на увоз на пченица, велат од МЗШВ.