Ќе ја размрда ли еврообврзницата македонската економија?


Издавањето на еврообврзницата беше очекувано и најавено, а ниската каматна стапка секако е успех. Но главното прашање е како ќе се трошат парите од новото задолжување кои изнесуваат дури половина милијарда евра?
Експертите алармираат дека парите треба да се наменат за капитални инвестиции за да ја размрдаат економијата. Потенцираат дека граѓаните мора да знаат за што се трошат нивните пари.

Министерот за финансии Драган Тевдовски тврдеше дека парите од новата еврообврзница ќе се трошат за покривање на буџетскиот дефицит, за поголеми плати во здравство и во образование, на вработените во АРМ и за приближување кон НАТО. Дел ќе бидат и за враќање на стари долгови и за капитални инвестиции.

– Се предвидува интензивирање на процесот на гасификација. Во буџетот сериозно се зголемени средствата што треба да ја забрзаат експропријацијата на земјиштето. Дел од средства за гасификацијата се од заеми што ќе го интензивираат процесот. Околу автопатите, дел од средствата се од буџетот, а дел, пак, се кинески заеми што ги зеде претходната власт, повеќето се во Јавното претпријатие за државни патишта – изјави министерот Тевдовски.
Од Институтот за економски истражувања „Фајнанс тинк“ велат дека потегот за издавање еврообврзница е очекуван од страна на Владата, имајќи ја предвид проектираната потреба за финансирање на буџетот во износ од околу 600 милиони евра. Сепак, потенцираат дека новото задолжување отвора две главни прашања.

– Прво, Владата не отвори јавна дебата пред издавањето на еврообврзницата. Ваквата дебата, колку и да не влијае врз конечната одлука, е корисна како за информирање на јавноста, така и за градење кредибилитет на Министерството за финансии во контекст на почитување на намерата за целосна транспарентност, отчетност и вклучување на засегнатите страни во процесите на управување со јавните финансии – велат од „Фајнанс тинк“.

Како второ, од Институтот сметаат дека граѓаните мора да знаат за што се трошат нивните пари, и особено парите од високи задолжувања како ова.
– Владата мора јасно да комуницира со јавноста за што ќе се потрошат преостанатите пари. Тоа е поврзано со итната потреба да се отвори широка општествена дебата за капиталните инвестиции, нивната приоритизација и пресметка на корисноста за економијата – велат од Институтот.
Економскиот аналитичар Фатмир Битиќи вели дека сега е многу важно да се следи реализацијата на капиталните инвестиции и начинот на што ќе се трошат парите од новиот заем.

– Ако поголем дел од средствата бидат во нови капитални проекти кои ќе ја размрдаат заспаната домашна економија, тогаш задолжувањето е оправдано. Реално, тоа ќе донесе нови пари во стопанството, но и кај граѓаните – вели Битиќи и потенцира дека најверојатно владата дел од парите што требаше да ги зема дома сака да ги остави за кредитирање на стопанството, што беше и едно од барањата на стопанските комори.
Од Министерството за финансии информираа дека со парите од еврообврзницата ќе се отплати првата рата од кредитот РБГ земен во 2013 година, која доспева на 29 јануари и изнесува 95 милиони евра, а предвреме вратиле и една третина од еврообврзницата издадена во 2015 година во вредност од 270 милиони евра, чија прва рата доспева во 2020 година.

Ова е шеста по ред еврообврзница што ја издава земјава. Во 2005 година беше издадена првата вредна 170 милиони евра со каматна стапка од 4,6 отсто. Четири години подоцна беше издадена втората во висина од 175 милиони евра со камата 9,9 проценти. Во 2014 година се издаде третата во вредност од 500 милиони евра со камата речиси 4 отсто, а една година подоцна четвртата – 270 милиони евра и камата стапка од 4,9 проценти. Во 2016 година еврообврзницата беше 450 милиони евра, а каматната стапка 5,6 отсто.

Јавниот долг на Македонија заклучно со септември 2017 изнесува 4,6 милијарди евра или 45,8 проценти од БДП.

Александра Спасевска