Ќе се собира спортска опрема и матурска гардероба за децата од социјални семејства


Здружението „Проект среќа“ ќе организира акции за собирање бесплатна опрема и бесплатни членарини во спортски клубови на деца кои живеат во социјален ризик, а ќе собира помош и за децата матуранти, полуматуранти и апсолвенти на кои им е потребна матурска облека, а не можат да си дозволат да ја купат.

Првата акција, „Здраво шампиони“ ќе биде промовирана на први април, во недела, во рамките на традиционалната Женска трка, кај Фонтаната во Градскиот парк, каде што „Проект среќа“ ќе има донаторски штанд. Сите кои сакаат ќе можат да дојдат и да донираат за идните шампиони.

„Проектот го наменивме за сите деца од Македонија кои сакаат да се занимаваат со спорт а немаат услови за тоа. Поддржан е од Агенција за млади и спорт, од Сојузот на спортови на град Скопје, а очекуваме поддршка од сите производители и дистрибутери на спортска опрема. Пријавувањето за донации ќе биде на нашата фејсбук страница ‘Проект среќа‘ како и до сега, но овој пат и училиштата, но и спортските клубови ќе можат да пријавуваат деца за кои мислат дека ваква помош им е добредојдена. Се надеваме на голема поддршка од донаторите“, вели Кристина Арнаудова, претседател на здруежението. Акцијата ,,Здраво шампиони, ќе трае до почетокот на месец јуни.

Освен оваа акција, „Проект среќа“ почна и со реализирање на проектот „Среќно матуранти“, со кој обезбедува комплетна матурска облека за сите матуранти, полуматуранти и апсолвенти кои тоа не можат да си го дозволат. „ Ги очекуваме пријавите на сите оние кои имаат потреба од ваква помош на нашата фејсбук страница или кај нашата координаторката Благица Ристов“, велат од здружението.