Ќе се повтори ли израелското економско чудо во Македонија?


Ако имате мала компанија, добар бизнис-план за раст, идеја за иновација и технолошки развој, можете да добиете до 500.000 евра од државата и да станете косопственик на Владата, со максимум 25 отсто учество во вашиот капитал. Таа во наредните три до пет години ќе го дели со вас успехот и ризикот од пропаст на инвестицијата. Иако парите ќе ги дава Владата, на тендер ќе избере домашно приватно друштво за управување со инвестициските фондови кое ќе ја прави проценката за ризик и, покрај државните експерти, ќе избира која идеја е исплатлива за инвестирање. Владата по три до пет години ќе излезе од сопственичката структура на фирмите, продавајќи го уделот од максимални 25 отсто на доминантниот сопственик по цената што ја инвестирала, или по пазарна вредност, во зависност од договорот. Бизнисот може да процвета или да пропадне, но ризикот е заеднички.

Ова е идејата на таканаречените еквити-фондови, за кои ќе се црпат израелските искуства. Преку нив Владата ќе влегува во инвестиции со приватни мали, микро и средни компании што минатата недела ги најави вицепремиерот Кочо Анѓушев, дел од третиот столб од планот за економски раст. Ќе ги натера ли Владата приватните мали, микро и средни компании посмело да се втурнат во технолошки развој и инвестиции, нудејќи им се како партнер во бизнисот во кој заедно ќе ризикуваат? Има ли шанса Македонија преку т.н. еквити-фондови, по примерот на Израел, да стане економско чудо на Балканот?!

– Преку таканаречени еквити-фондови годинава ќе се поделат вкупно 7,5 милиони евра, односно максимум 500.000 евра по компанија. Планот е да се мотивираат и странски инвестициски фондови да влезат во овој проект и да се обезбедат барем уште толку средства за годинава. Еквити-фондот е веќе формиран и е во фаза на регистрација. На сметката сега има 50 милиони денари, а Владата денеска треба да одобри уште 400 милиони денари со кои ќе управува Фондот за иновации и технолошки развој – вели директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

Експертите со кои разговаравме, а кои не сакаат да зборуваат јавно, ја поддржуваат идејата, но се скептици околу реализацијата. Тие се сомневаат  во подготвеноста на малите бизниси за вакви инвестиции бидејќи можности за државни пари имало и претходно, но реализацијата била слаба.За Деспотовски, пак, ова е можност која компаниите треба да ја препознаат.

– Ако пропадне инвестицијата, нормално дека пропаѓаат и парите. Праксата покажува дека секаде функционираат вакви еквити-фондови. Факт е дека во ваков тип ризичен капитал има и неуспех, но тоа се покрива од оние инвестиции каде што има успех. Во таа игра на големи бројки една инвестиција може да покрие сѐ – вели директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски. Тој потенцира примери од Израел каде што една компанија донела 1,3 милијарда евра, со што е покриена загубата на останатите.

– Државата влегува, но не останува газда, потоа излегува. Има неколку модели што однапред се договараат. Државата излегува од сопственичка структура по 3-5 години. Првично уделот се нуди на доминантниот сопственик или потоа се нуди на пазар. Зависно од склучениот договор, може по договорената сума или по пазарна цена. Ова е одлична можност која компаниите треба да ја препознаат,бидејќи практично Владата го дели ризикот со нив. Но, тоа е  можност и за државата да оствари поврат на средствата кои се пари на даночните обврзници во земјава – вели Деспотовски.

Тој потенцира дека има заинтересирани инвестициски фондови кои се подготвени да влезат и да поддржат вакво партнерство со Владата. Деспотовски очекува до крајот на годината да има минимум една до две почнати инвестиции преку еквити-фондот.

Фондовите во Израел направија економски бум

Во 1993 година израелската влада почнала специјална програма под името иницијатива „Јозма“ (Yozma) за да го поттикне развојот на иновативната технологија. Таа издвоила 100 милиони долари за основање фондови кои ќе вложуваат пари во нови компании од високата технологија. Во десетина вакви фондови државата планирала да вложи 40 отсто од капиталот, а преостанатите 60 отсто требало да ги обезбедат искусни меѓународни фондови кои знаат да пронајдат компании со голем потенцијал за раст. Околу три години биле потребни да се соберат останатите 210 милиони долари од приватни вложувачи. Но, потоа сѐ се поклопило. Настанале илјадници нови компании, а учеството на ИТ-секторот во БДП и во вкупниот извоз на земјата практично се дуплирал.

Александра Филиповска