Ќе се констатира ли во среда оставката на Билен Саљији?


Донесување на реформските закони за судството, но и констатирање на оставката на министерот за правда Билен Саљији се очекува на на новата собраниска седница закажана за среда – 2 мај.

Со оглед на тоа што станува збор за нова седница, проценките се дека таа ќе почне со констатирање на оставката што Саљији ја поднесе пред повеќе од еден месец. Од необјасниви причини,  оставката  се досега не беше доставена од Владата во парламентот, иако процедурите налагаат да биде констатирана на првата наредна собраниска седница. И сега нема информации дали оставката е пуштена во парламентот, со оглед на тоа што премиерот Зоран Заев најави дека во почетокот на мај ќе се знаат кадровските поместувања во рамки на најавената реконструкција на извршната власт. Во меѓувреме, Саљији и натаму ја извршува министерската функција.

На дневен ред во среда се и законите за судови и за Судски совет, кои се дел од реформскиот пакет, а што пратениците не стигнаа да ги донесат пред објавувањето на Извештајот на ЕК. Сепак, ден пред објавувањето на Извештајот, владејачките партии  направија неколку отстапки во однос на барањата на опозицијата, така што двата закони, за чие донесување е потребно двотретинско мнозинство, поминаа на матичната собраниска Комисија. Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, главно, се однесуваа на дисциплинската одговорност на судиите, а засега е прифатено и барањето претседателот на Врховниот суд и натаму да има право на глас во Судскиот совет.