Јавна расправа: Мајчинството е ексклузивно право на жената


Со измените на Предлог-законот за прекинување на бременоста волјата на жената ќе биде ставена на прво место, се остварува нејзиното право за безбеден прекин на бременост, таа ќе може одлуката да ја донесе свесно и се укинуваат постојните административни процедури кои во претходниот период го одолговлекуваа спроведувањето на постапката…

Ова беше истакнато на денешната јавна расправа на тема „Предлог-закон за прекинување на бременоста“, што ја одржа собраниската Комисија за здравство, а на која учествуваа министрите за здравство и за труд и социјална политика, Венко Филипче и Мила Царовска, како и гинеколози, претставници на здруженија, комори…, но не и претставници на верските заедници на кои не им било овозможено да присуствуваат поради тоа што не биле поканети.

Филипче рече дека мајчинството е ексклузивно право на жената во делот на раѓањето, на времето на раѓање, на бројот на децата, и тоа воопшто не е работа ниту на судии, попови, оџи, лекари, а најмалку на политичари кога тоа жената ќе го оствари.

– Не е наша работа да копаме по причините зошто жената одлучила за прекин на бременост. Наша задача е да обезбедиме услови тоа право таа да го добие, а државата да обезбеди институции и експертиза оваа процедура квалитетно и стручно да се заврши, рече Филипче.

Со новиот Закон, посочи министерот, нема да има задолжително чекање од една година, временски рок кој треба да помине од претходниот абортус, нема да има задолжително чекање од три дена од моментот на советување на жената, ниту потреба да се прави ехо сонографски преглед при што се слушаат срцевите тонови, заради тоа што сметаме дека тоа сериозно влијае на волјата на жената, укинати се високите казни за институиите и лекарите кои спроведуваат абортус и се имаат предвид мислењата и сугестиите од комитетите за човекови права и за културни и социјални права кои недвосмислено укажуваа дека Законот треба да се измени.

– Со новиот Закон овозможуваме волјата на жената да го оствари своето право да биде на прво место, да не се допре во нејзиното достоинство, да има целосно право да има безбеден прекин на бременост, да се укинат сите административни процедури и пречки, да овозможиме да се даваат комплетни, објективни и точни информации и да се укаже на можните компликации кои може да произлезат од абортусот како медицинска процедура и да донесеме закон со кој жената ќе може свесно и без принуда и влијание од кого било да донесе одлука како и што да прави со своето тело, рече Филипче и додаде дека контактирале со многу граѓански организации, со гинеколози…

Ана Данева од Клиниката за гинекологија, која е претседател на Комитетот за безбедно мајчинство, рече дека со новиот закон жената повеќе нема да има потреба да чека по советување за да биде спроведена интервенцијата, нема да биде принудена да се дообјаснува, затоа што никој го нема правото да решава дали таа треба или не треба да ја прекине бременоста. Новиот закон, нагласи, предвидува со писмена согласност да може да ја прекине бременоста до истекување на 12-тата гестациска недела, но исто така и ако бремената жена е малолетна или пак и е одземена деловната способност прекинувањето на бременоста може да се изврши со писмена согласност од родителот односно старателот на бремената жена.

– Прекинот со писмена согласност и по истекот на 12-тата гестациска недела ќе биде можно кога врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот на мајката, како и кога врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето што ќе се роди ќе има тешки телесни или душевни недостатоци, доколку зачнувањето дошло во врска со извршување на кривично дело, силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење и ќе се утврди дека во текот бременоста или по породувањето би можела пациентката да дојде во тешки лични, семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје, рече д-р Данева.

Појасни дека прекинувањето на бременоста од 12-тата до 22-та гестациска недела по писмено барање од бремената жена, односно родителот/старателот ако таа е малолетна или е лишена од деловна соспобност може да се изврши при што пред постапката докторот може да побара мислење од друг лекар специјалист од соодветната гранка на медицината. – По 22-та гестациска недела за прекинување на бременоста одлучува првостепена комисија. Доколку жената не се согласува со одлуката има право на приговор до второстепена комисија. Со Предлог-заонот првпат се воведува можност за прекинување на бременоста до деветтата гестациска недела со медикаментозен метод и во здравствена установа од примарна здравствена заштита, додаде д-р Данева.

Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека го поздравува носењето на законот, бидејќи, како што посочи, тој е потребен со цел заштита на здравјето на жената. Со овој закон, потенцира, ако една жена одлучила да ја прекине бременоста, административните забрани нема да ја спречат.

– Овој закон имаше многу недостатоци. Немаше жена која немаше поплаки од административните забрани. Во изминатиот период е зголемен процентот на нелегални абортуси и многу жени се одлучиле да абортираат во други земји. Овој закон ќе овозможи жените сами да одлучат кога ќе ја прекинат бременоста. Треба да има едукација на младите за тоа како би се заштитиле од несакана бременост, додаде Рангелова.

Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет, ја пофали волјата на Владата да изготви предлог измени на законот за спречување на бременост по мерка на жената. Таа посочи дека во 2013 година измените на законот за спречување на бременост биле донесени по кратка постапка и без комуникација со граѓанскиот сектор и стручната јавност.

Истакна дека сака да предупреди дека сепак постојат одредени тенденции кои говорат дека повторно може да дојде до одредено кокетирање на јавноста повторно со користење на верските заедници, како што беше случај во 2011 година, кога, како што рече, се водеше велелепна кампања за стари семејни вредности, трето дете и се осудуваше абортусот и сите жени кои се одлучуваа на тој чин беа нарекувани чедоморки. Според неа, измените на тој закон беа донесени во 2013 година, продолжи кампањата и беа изготвувани грозморни видеа кои одеа на телевизија.

– Македонија е секуларна држава, Многу ми е драго што беше спречено влегувањето на претставниците на верските заедници во овој дом. Тука се носат световни закони. Верските заедници може да си зборуваат за своите црковни закони во нивните храмови. Господ секогаш и бил најголем непријател на жената и нема право да се повикуваме и да се зборува за какви било верски чувства во носењето на овој закон. За овој закон имаат право да зборуваат жените и стручните лица кои ќе кажат кои се здравствените лимитирања кога станува збор за спречувањето бременост, додаде Пировска.

Претседателката на Комисијата за здравство, Мирсада Емини Асани рече дека претставниците на верските заедници покажале интерес за оваа тема, но, нагласи, во член 19 амандман седум од Уставот се вели дека Република Северна Македонија е секуларна држава.

– Тие не биле поканети, но своето мислење имаат можност да го дадат и да го понудат како можност. Пратениците се тие кои ги донесуваат законите, така што религијата и вербата се нешто лично и тие треба да се почитуваат, додаде Емини Асани.