Шилегов и Каминис ќе го зацврстуваат пријателството меѓу Атина и Скопје (Видео)


Скопје и Атина ќе го зацврстуваат пријателството и соработката меѓу градовите и земјите. Ова генерално било договорено на денешната прва заедничка и официјална средба меѓу градоначалниците Петре Шилегов и Јоргос Каминис на која домаќин беше градоначалникот на главниот град на јужниот сосед. Средбата која се одржала во пријателска атмосфера, како што информираат од Град Скопје, е особено значајна бидејќи се случува во период на интензивни дијалози помеѓу двете земји.

Шилегов ги поздрави присутните на грчки јазик и доби аплауз од присутните. Потоа продолжи да зборува на англиски јазик.

„За нас, како носители на локалната власт оваа средба претставува почеток за поблиска соработка меѓу двата града со која сакаме да создадеме услови за поголем развој на регионот и регионалната стабилност. Имајќи предвид дека нашите граѓани се соочуваат со исти предизвици во секојдневното живеење, размената на искуства и продлабочувањето на соработката ќе придонесат,  заеднички да учествуваме во изнаоѓање решенија  за современите потреби на нашите сограѓани. Во таа насока, го вложуваме целиот наш потенцијал да создадеме подобри услови за живеење и да го подигнеме квалитетот на живот на граѓаните на Скопје и Атина“, изјави Шилегов по средбата.

Тој, додаде дека меѓусебната соработка на градовите значи отворање нови можности за развој и напредок, и поради тоа го отвораат патот кон меѓусебно приближување. Нагласувајќи дека целта е тоа да биде во интерес на нашите сограѓани и заеднички да учествуваат  во унапредувањето на иднината на градовите внатре во европското семејство.

„Пријателството е доблест која им прилега на храбрите. Иницијативите кои ги поврзуваат народите и регионите во продуктивна соработка и разбирање се пријателски иницијативи. Затоа верувам дека ние имаме силна волја и капацитет да го зацврстиме нашето пријателство во иднина“, потенцирал скопскиот градоначалник.

Градоначалникот на Атина истакна дека со Шилегов е во комуникација од првиот ден откако тој ја презел власта во Скопје.

„Тој е прогресивен и модерен политичар кој го разбира значење на добрата соработка меѓу градовите. На оваа прва средба договориме соработка на неколку полиња како социјалната политика, климатските промени и дигитализацијата, а во наредните недели ќе оствариме посета на Скопје каде што ќе потпишеме и Меморандум за соработка. На денешната средба ние разговаравме за соработка која ќе ја зголеми довербата и ќе создава политика на оптимизам меѓу двата града и двете земји“, изјави Каминис. 

Од Град Скопје додаваат дека градоначалниците ја истакнаа и својата решеност да изградат повеќе мостови за соработка на повеќе полиња што ќе бидат движечка сила за приближување на двете соседни земји.