Царината загрижена за приходите од интернет-нарачките: „Алиекспрес“ ќе поскапи?


Македонците што купуваат на интернет, а најмногу од „Алиекспрес“, бараат да бидат ослободени од увозни давачки на износ повисок од 22 евра. Ист е ставот и на Агенцијата за пошти, која смета дека одредбата за бесцарински увоз на стоки за лична употреба до 350 евра, што важи во патничкиот промет, нема причина зошто да не важи и во увозната е-трговија.

„Македонските граѓани се заложници на нелогична политика за сметка на интересите на криминогени структури кои ја злоупотребуваат одредбата за бесцарински увоз на стоки за лична употреба до 350 евра, организирајќи меѓународни автобуски превози на патници, преку кои стоката практично се ‘шверцува’ во Македонија. Се нанесува огромна буџетска штета зашто се одбегнува плаќање на царински давачки и ДДВ при увоз“, велат од Агенцијата за пошти објаснувајќи дека оној што можеби не сака да патува, ги нема истите права за бесцарински увоз на тие стоки од е-продавници.

Регулаторот на поштенскиот сообраќај уште во 2014 година побарал промена на постоечката регулатива, но властите се ваделе дека ќе се намалат буџетски приходи.

„Тогашната Влада на 2.2.2015 година донесе заклучок со кој се задолжи Министерството за финансии – Царинската управа да подготви измени на уредбата во насока на зголемување на прагот за наплата на царински давачки од 45 евра на 150 евра. За жал, со почетокот на политичката криза, ова задолжение остана нереализирано. Агенцијата повторно ќе го актуелизира прашањето за да може и официјално да се чуе ставот на новата Влада“, ни изјавија од Агенцијата за пошти.

Во светски рамки сегментот на е-трговијата се очекува во 2020 година да достигне вкупен обем од 900 милијарди долари, споредено со 300 милијарди долари во 2015 година.

„Македонските граѓани се оставени на маргините на дигитализираниот свет, а истовремено се загрозува иднината на целиот поштенски сектор и иднината на Македонска пошта, која со ваквата политика како национален поштенски оператор, во целосна сопственост на Владата на РМ, стана зависна од приходите од доставата на обични писмоносни пратки (99 отсто од приходното портфолио на Македонска пошта го сочинуваат писмоносните пратки, кои  поради електронската супституција, во светски рамки  бележат пад од 7-11 отсто на годишно ниво)“, децидни се од Агенцијата за пошти.

Царинската управа не го дели мислењето на поштенскиот регулатор дека царинска политика свесно ги лимитира можностите за купување онлајн, заради заштита на интереси на деловни субјекти, а не интересот на државата, а најмалку за заштита на интересот на граѓаните.

„При определувањето на висината на вредноста на стоката – предмет на ослободување од плаќање на увозни давачки како пратка со мала вредност, беа земени предвид податоците за блиските земји како на пр. Хрватска во која висината на вредноста на стоката ослободена од плаќање на увозни давачки беше во рамките на 45 евра, пред нејзиното пристапување кон ЕУ. Пред зголемување на висината на прагот за ослободување, Царинската управа треба да преземе соодветни мерки, а со цел да се обезбеди ефикасна контрола, наплата на приходи и заштита на фер конкуренција во услови на енормно зголемување на волуменот на пратките со мала вредност. Една од најбитните активности која се презема е воспоставување на стандарди за електронско поднесување на pre-arrival информации за стоките, односно софтвер преку кој ќе се разменуваат електронски информациите за пратките пред нивното пристигнување како би можело да се направи соодветна и навремена анализа на ризик“.

Царината, следејќи ги состојбите во ЕУ во делот на наплатата на увозните давачки, вели дека растот на е-трговијата кај пратките со мала вредност секоја година е поголем за 10 до 15 проценти. Како резултат на несоодветно декларирање на пратките, отсуство или низок квалитет на информации и размена на електронски податоци помеѓу поштите, брзите курирски пошти и царинските администрации, ЕУ губи во наплатата на увозните давачки 1,3 милијарди евра на годишно ниво.

„Ова е причина за сериозна загриженост не само за земјите членки на ЕУ, туку и за нас иако се работи за многу помал пазар и обем на пратки кои пристигнуваат. Царинската управа презема соодветни мерки особено во делот на размена на електронски податоци и развој на соодветен софтвер, по што во соработка со Министерството за финансии како надлежни за донесување на одлуки од ваков тип ќе може да се направат соодветни анализи“, ни изјавија од Царинската управа.

 

И царина и ДДВ за пакет над 45 евра

Стока испратена од странство, од физичко лице, во пратки со писмо или поштенски пакет која ја прима физичко лице кое живее или има одобрен престој во Македонија, е ослободена од плаќање увозни давачки и ДДВ ако вкупната вредност на пратката не надминува 45 евра во денарска противвредност. Кога стока е испратена од странство од правно лице (фирма), а ја прима физичко лице, ослободена е од плаќање увозни давачки и ДДВ под услов вкупната вредност на пратката да не надминува 22 евра, со вклучени транспортни и манипулативни трошоци. Доколку вредноста на стоката е од 22 до 45 евра, истата е ослободена од плаќање царински давачки, но подлежи на плаќање на ДДВ. Стока чија вредност надминува вредност од 45 евра подлежи на плаќање и на увозни давачки и на ДДВ.

 

Околу 7.000 пратки годишно од интернет-нарачки

Во Македонија по поштенски пат пристигнуваат околу 25.000 пратки годишно, покажуваат податоците на Агенцијата за пошти. Во Пошта 2, каде што се доставуваат пратките од е-трговија, во 2016 година од меѓународен сообраќај, влезени се 16.689 поштенски пратки за период од 1.1. до 31.8.2016 година, а од нив вкупно 76 отсто биле предмет на царинска постапка т.е. биле увозно оцаринети. Во 2015 година во Поштата за царинење влезени се 24.283 пратки. Од нив, оцаринети се вкупно 9.300 пратки, од кои 2.700 пратки – само ДДВ ( физички лица), 5.000 пратки – царина + ДДВ ( физички лица) и 1.600 пратки – царина за правни лица. Околу 90 отсто од вкупно оцаринетите пратки (7.700), т.е. приближно 7.000 пратки се интернет-нарачки. Од 1.600 пратки од правни лица, нарачки од интернет биле само 105 пратки.

Анита Салтировска