Холандскиот газда на МГИ порача: Чекајте ги платите, тргнаа од Германија


Се испоразболевме работејќи од ноќ до ноќ. Ама му верувавме на директорот. Барем навреме да ни кажеше дека ја затвора фирмата, а не да нѐ матка со месеци. Сега ни на лекар не можеме да отидеме, се пожалија дел од 130. работници на текстилната компанија „Македонија гермент индустри“ (МГИ). По повеќегодишна работа, газдата им се заблагодарил со отказни решенија.

„Ние сме компанија која работи 10 години. Отказите ни ги ставија под нос. На 18 април ни кажаа дека компанијата веќе нема да работи, ама материјалите што се во погонот треба да се изработат. И потоа, која како завршуваше со работата, од 20 до 25 април, потпишуваше отказно решение“, рече Моника Стојановска.
Од сопственикот на конфекцијата, Холанѓанецот Марсел Мелес, си ги бараат заостанатите две плати.
„Нѐ лажеа дека платите ќе ни ги исплатат во понеделник, па во среда, во петок, па наредната недела. После ни кажа дека платите се тргнати од Германија и треба да стигнат на сметка, а еве ние уште ги немаме земено“, велат работниците.

Најтешко им е што немаат здравствено осигурување.
„Меѓу нас има работници кои се на боледување, трудници, кои не може сега да одат на преглед. На сите ни се попуштени нервите, а добиваме и други болести од оваа голгота што нѐ снајде“, кажаа работниците, прашувајќи зошто и фирми што редовно плаќале придонеси не може одреден период да имаат осигурување.
Не знаеја зошто конфекцијата престанала да работи.
„Не знаеме што се случи, дали го преселува производството, дали прекинува затоа што не му е продуктивно или нешто друго. Имавме многу работа. Минатото лето немавме одмор, а на крајот на годината извадија дека сме непродуктивни и не дадоа регрес. А, ние се отепавме од работа, до 11 навечер останувавме, дури до 02 часот по полноќ, зашто мораше да се испрати камионот. Директорот ни велеше дека од тие панталони зависиме, и тие мора таму да стигнат за ние да земеме плата. Толку многу сме се труделе, сме стоеле покрај него, за сето тоа што ни го кажуваше мислевме дека е така, а сега го нема никаде да ни каже што се случува“, револтирано зборува Стојановска.
Работниците велат дека ќе ги продолжат протестите.
„Ние ги бараме платите. Нас не нѐ интересира дали државата Македонија го финансира директорот како странски инвеститор, и за тоа што вработуваше луѓе со посебни потреби, и за тоа што вработуваше работници над 55 години. Од вкупно 130 работници, машинска работници немаше повеќе од 80“, вели Рената.


Работниците слушнале дека нивниот газда сака да отвори конфекција во Врање.
„Лани летото видовме на интернет слики дека потпишува договор, јас го прашав дали е точно, а тој ми рече дека не е. Ама оттогаш почна нередовно да исплатува плати. Потоа се случи материјали што стигнаа во погонот, цели нечепнати топови, да ги повлекуваат од компанијата. Не знаеме каде се носеа. Нам ни кажаа дека тоа е грешна стока и дека ќе се замени. И потоа дојдоа отказите“, објаснија работниците.
Потпишувале дека своеволно напуштаат. Изјавите ги задржал газдата. Велат, биле принудени зашто мора некаде на друго место да работат. Директорот Мелес не го виделе долго време. Го барале на телефон, ама не се јавувал. Не ни се јави и нам.
За случајов работниците се обратиле до Управата за јавни приходи, од каде што ги препратиле во трудова инспекција. Побарале и правна заштита.
„Адвокатите ни побараа 1.000 евра. Каде да ги најдеме тие пари. Нема ли некоја правна помош за вакви случаи како нас“, прашуваат работниците.

Плата од 10.200 денари поради неисполнета норма

Работниците земале плати меѓу 12.000 и 20.000 денари.
„Ако не извадевме норма, не ни даваа 200 евра, туку 10.200 денари. Требаше и да потпишеме решение дека немаме остварено норма“, кажуваат поранешните работници на конфекцијата МГИ.
Уставниот суд на 18 април ја укина одредбата од Законот за минимална плата со која газдите можеа да исплатуваат помали плати затоа што работникот не го исполнил нормираниот учинок што го утврдува работодавецот.

МГИ најавил фабрика на југот на Србија

Српските медиуми во јуни лани информирале за намерите на директорот на МГИ да отвори фабрика во слободната зона во Врање.
Локалниот портал „Инфо врањске“ пишува дека Марсел Мелес, директорот на македонската компанија МГИ, во писмото на намери упатено на адреса на градот Врање објаснил која е идејата на неговата компанија во врска со гринфилд-инвестицијата во Врање.
„Нашата компанија ги поврзува текстилните брендови од Европската Унија со локалните производители, па затоа сакаме инвестиција во Врање која по врвни стандарди би произведувала машка конфекција за пазарите на ЕУ. Развојот на нашето производство во Скопје е ограничен со недостиг на квалификувана работна сила, а Врање и Пчињскиот Округ се традиционални центри на текстилното производство во Србија и располагаат со стручна работна сила“, навел директорот Малес.
Врањскиот портал пишува и дека директорот на компанијата МГИ ни на едно место во писмото на намери не апострофирал дека смета на евтина работна сила меѓу врањските текстилци. Од градската управа за порталот изјавиле дека за тоа не разговарале со Мелес, зашто платите на работниците ќе зависат од резултатите на работењето на новата фабрика.
Договорот меѓу МГИ и директорот на слободната зона Врање бил потпишан на 20 јуни 2017 година.
Тогаш претставници на инвеститорот изјавиле дека, меѓу другото, Врање го одбрале зашто дава многубројни олеснувања за работење. Тамошните медиуми информираа и дека компанијата МГИ работи од 2008 година, соработува со врвни партнери, главно од Германија и има годишен обрт од 13 милиони евра.

 (Сопственикот на МГИ, Марсел Мелес учествуваше на Скопскиот маратон на 6 мај)

И УСАИД му помогнал на стартапот МГИ
Компанијата МГИ учествувала и во проектот на УСАИД за зајакнување на конкурентноста во 2010 година. МГИ го искористила проектот да добие меѓународен консултант за да помогне во реорганизација на производството и да воспостави систем за контрола на квалитет за да ги пресретне потребите за поголемо производство и подобар квалитет.
Како резултат на поддршката од УСАИД, МГИ тројно го зголемил производството за 7 месеци и од 750 парчиња неделно во март 2009 стигнала до 2000 парчиња во ноември истата година. Целта на компанијата биле 5.000 парчиња месечно. Тогаш сопственикот на компанијата планирал бројот на работници да порасне до 400.

Анита Салтировска

фото:Б.Грданоски, приватна архива