Харадинај: Никој нема мандат да разговара за територијата на Косово


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај по денешната седница на Владата, на која го објави составот на владината делегација за преговорите со Србија, нагласи дека никој од тие што ќе отпатуваат во Брисел нема мандат да го доведува во прашање територијалниот интегритет на Косово.

На прес-конфренција по седницата, Харадинај порача дека тоа право го нема ниту шефот на косовската владина делегација која ќе разговара за нормализација на односите со Белград, Фатмир Лимај, ниту кој било друг.

– Никој нема мандат да ја доведува во прашање територијата на Косово. Ништо не се менува во принципот на територијалната целовитост со одлуката на Владата. Ние не сакаме да ни избегне ниту еден параметар од договорот. Тие (владината делегација) немаат овластување да донесат неуставна одлука, изјави косовскиот премиер.

Харадинај денеска формира владин тим кој ќе ги води преговорите за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, што треба да продолжат во Брисел на 7 септември. Шеф на тимот за преговори во Брисел ќе биде вицеприемиерот Фатмир Лимај, негов заменик е другиот вицепремиер Енвер Хоџај, додека членови на делегацијата се министерот за надворешни работи Беџет Пацоли, министерот за јавна администрација Махир Јагчилар, министерот за дијаспора Дардан Гаши и досегашниот главен претставник на Владата во преговорите со Србија Авни Арифи.

Во составот на делегацијата што ќе преговара во Брисел Харадинај предлага да има и по еден претставник на опозициските партии на Албанците во Собранието, како и експерт од невладиниот сектор.

Сепак, како што објавија медиумите, главен преговарач на Косово и натаму останува Хашим Тачи, кој е најголемиот заговарач, заедно со својот српски колега Александар Вучиќ, на размената на територии. Тачи тоа го нарекува „корекција на границата со Србија“, додека Вучиќ „разграничување со Косово“.

Во косовското Собрание утре на иницијатива на опозицијата, ќе се одржи вонредна седница за преговорите со Србија, на која ќе биде поднесена резолуција со која се забранува секому, вклучително и на претседателот на државата, воопшто да преговара за територијалната целовитост на Косово. Освен тоа, опозицијата бара носител на преговорите со Белград да биде Собранието на Косово, а не Тачи, кој го нема тој мандат и кој не може да се смета за обединувачки фактор во земјата.