Форбс: Џеф Безос е најуспешен милијардер во 2018


САД- Американското списание „Форбс“ ги посочи милијадерите кои на крајот на оваа година успеале да добијат повеќе од своите колеги во рејтингот на најбогатите луѓе во светот.

На прво место е претседателот на „Amazon“, Џеф Безос, кој во годината која изминува заработил 27,9 милијарди долари и е со вкупно богатство од 127,2 милијарди долари, па така ја задржува титулата на најбогатиот човек на планетата.

На второ место е јапонскиот претприемач Тадаши Јанаи, основачот на мрежата за малопродажба „Uniclo“ кој во 2018-та заработил 7 милијарди долари и неговото богатство изнесува 27,1 милијарди долари.

Претседателот и косопственик на „Лукоил“, Вагит Алекперов е на трето место во рејтингот со 4,6 милијарди долари, со што вкупното негово богатство е 19,5 милијарди долари.

Следат американскиот медиумски магнат Руперт Мардок (тој се збогатил во оваа година со 4,6 милијарди долари или вкупно 19,3 милијарди долари), и уште двајца руски бизнисмени – Леонид Михелсон (4 милијарди долари, вкупно богатство 21,4 милијарди долари) и Генадиј Тимченко (3,8 милијарди долари или вкупно 18,9 милијарди долари).

На долните скалила во листата на најуспешните милијардери за оваа година според „Forbes“ се рангираат поранешниот претседател на „Microsoft“, Стив Балмер (3,4 милијарди и вкупно богатство од 40,7 милијарди долари), најбогатиот Индиец, Мукеш Амбани (3 милијарди и вкупно богатство од 44,4 милијарди долари), основачот на „Microsoft“, Бил Гејтс (2,9 милијарди долари или вкупно 93,9 милијарди долари) и претседателот на компаниите „SрaceX“ и „Tesla“, Илон Маск (2,8 милијарди и вкупно богатство од 22,5 милијарди долари).

Списанието, исто така, состави листа на најголемите „неуспеси“ за 2018-та година меѓу милијардерите. Прв во неа е шефот на „Facebook“, Марк Цукерберг, кој оваа година загубил 18,7 милијарди долари и неговото богатство се „стопи“ до 52,5 милијарди долари. Цукерберг е единствениот Американец кој е на листата на милијардери кои претрпеа најголеми загуби на крајот од годината.

Во листата на „губитници“ влегува и Шпанецот Амансио Ортега, сопственикот на „Zara“, кој загубил 16,2 милијарди долари, а неговото вкупно богатство е намалено до 59,6 милијарди долари. По него се сопственикот на германската компанија „Continental“, Георг Шефлер (14 милијарда долари или вкупно 12,4 милијарди долари), кинескиот претприемач Ма Хуатен (10,1 милијарди долари и вкупно богатство од 35,1 милијарди долари), и мексиканскиот милијардер Карлос Слим (9,3 милијарди долари и вкупна вредност од 56,8 милијарди долари).