Успешноста на референдумот на политичка вага


Ноќта на 30 септември Државната изборна комисија само ќе ги соопшти резултатите од гласањето – одѕивот, колкумина од излезените избирачи заокружиле „да“, а колкумина „не“, бројката на неважечки ливчиња… ама нема да навлегува во толкувања дали референдумот е успешен или не. Тоа го најавија вчера од ДИК посочувајќи дека нивна работа е само да ги соопштат резултатите од технички аспект.

Од тоа произлегува дека референдумските резултати потоа ќе бидат предмет на политичко толкување, особено поради тоа што станува збор за консултативен, а не за задолжителен референдум. Во македонскиот Устав се предвидени единствено правила за задолжителен референдум. Од друга страна, според членот осум од Законот за референдум, референдум се распишува заради одлучување или за консултирање на граѓаните. Одлуката донесена на референдумот за одлучување, како што е наведено, е задолжителна, а одлуката од референдум за консултирање не е обврзувачка. Од тој аспект, засега нема единствен одговор на прашањето дали за референдум кој е дефиниран како консултативен важи уставното правило според кое на гласање треба да излезат најмалку 50 проценти плус еден од запишаните избирачи, од кои мнозинството треба да гласаат за потврда на референдумското прашање.

На референдумот на 30 септември право на глас имаат вкупно 1.806.336 граѓани, така што за да се постигне цензус од над 50 проценти, на гласање треба да излезат најмалку 903.168 гласачи, а за одлуката да биде поддржана повеќето од нив да заокружат „да“. Тоа е всушност најоптимална ситуација за по гласањето на 30 септември да се избегнат различни политички толкувања околу успешноста на референдумот, особено ако се има предвид најновата најава на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитува резултатите од граѓанското изјаснување ако референдумот е успешен. Мицкоски, во изјавата, сепак, посочува на двата услова што, како што наведува, треба да се исполнат.

Според проценките, најкомплицирана за политичко менаџирање би била ситуација на јасно изразена волја за поддршка на референдумското прашање, но без постигнат праг од над 50 отсто. Во таков случај, како што се оценува, дури и излезеност од, на пример, 49 проценти може да претставува проблем, особено во разговорите со опозицијата за обезбедување на потребното двотретинско мнозинство за прогласување на уставните измени што произлегуваат од договорот со Грција. Тогаш, не е исклучено ВМРО-ДПМНЕ да настапи повторно со условувања, какво што беше тоа за амнестија од пред неколку месеци, кога од опозициската партија зависеше изборот на новиот состав на ДИК и деблокадата на процедурите за распишување на референдумот.

Премиерот Зоран Заев во една пригода посочи дека референдумот ќе се смета за неуспешен само ако мнозинство од излезените граѓани се изјаснат „против“. Тој е оптимист дека излезеноста на 30 септември ќе биде над 50 проценти. Во случај, пак, да не се постигне цензусот, според најавите, „топката“ ќе се префрли во институциите. Според тоа, доколку се потврдат проценките за изразена поддршка на референдумското прашање, тогаш во секој случај ќе се премине на следната фаза од спроведувањето на договорот со Грција –уставните измени, независно дали одѕивот е околу 40, 50 или 60…проценти.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу нагласува дека претстојниот референдум е консултативен, а покрај тоа, како што вели, и морален и политички.

– Ако мнозинската волја на народот е за уставни промени и за деблокирање на евроатлантската интеграција, политичарите не треба да имаат дилеми, независно од тоа што ќе има и такви што ќе се противат затоа што, условно, не е постигнат цензусот. Од друга страна изјаснувањето со изразено мнозинство е задолжително во политичка смисла и морално за политичарите да го завршат процесот како што ги советувале граѓаните преку референдум – вели Муслиу.

Тој потенцира дека ако се случи, на пример, 700 илјади да гласаат против договорот од Преспа, Владата не може да продолжи преку парламентот да го ратификува договорот и да ги спроведе уставните измени. Во случај, пак, вели, на референдум да излезат 895 илјади граѓани и 800 илјади да бидат „за“, тоа ќе биде совет што ја обврзува и Владата и Собранието да дејствуваат во таа насока.

На новинарско прашања дали има разлика во условите што треба да се исполнат кога референдумот е обврзувачки, од ДИК посочуваат дека има разлика во однос на тоа за што се распишува референдумот. На пример, во случај на менување граница, стапување во сојуз со други држави, за конфедерација… потребно е најмалку 50 проценти плус еден гласач да бидат „за“. Таков референдум, како што велат од ДИК, би се распишал за членството во ЕУ, а по затворањето на поглавјата од преговорите со ЕУ. Тоа би бил задолжителен референдум со апсолутно мнозинство, додека за членството во НАТО веќе има донесено одлука Собранието во 1993 година.

 

 Иселениците – проблем за цензусот

Само 76.060 македонски граѓани се запишани во посебни изводи од Избирачкиот список како лица кои се на привремена работа или престој во странство. Тие пријавиле во МВР дека се надвор од државата подолго од една година, но не поднеле пријава за гласање во странство, како што се пријавија околу 2.700 граѓани за кои ќе се организира гласање на 29 септември во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава. Во изводите за гласање во земјава, пак, се запишани 1.725.913 гласачи.

ДИК нема конкретни информации колкава е бројката на гласачи кои се надвор од земјава подолго од една година, а не го пријавиле своето отсуство во МВР и поради тоа се евидентирани за гласање во земјава. Според неофицијалните проценки, пак, во последните неколку години од земјава се иселиле неколку стотици илјади граѓани, што е огромна бројка која може да создаде лажна слика околу излезеноста на претстојниот референдум. На тоа предупреди и шефот на дипломатијата Никола Димитров, набрзо по потпишувањето на договорот со Грција. Димитров посочи дека не се знае колку точно гласачи има во државата, затоа што постојано се зборува за околу 500 илјади иселени лица. Но, сега, како што рече, нема време за прочистување на списокот, па мора да се носат политички одлуки.

Александра М. Митевска