Успешен референдум за името ќе ја зацврсти независноста


Во исклучително деликатен момент, комплетно опседнати со претстојното референдумско изјаснување за договорот со Грција, македонските граѓани ќе ја слават 27-годишнината од формирањето на независната и суверена држава.
Угледни гости од високата светска политика токму деновиве се присутни во Скопје како своевидно признание за напредокот на земјата и потврда дека светот ги отвора вратите за Македонија. Покрај нивните гаранции за евроатлантската иднина, како признаен и посебен државен субјект, сепак, кај одреден дел од општеството и натаму постои (и)рационален страв за опстанокот на земјата.
Траумите и несигурноста, според политичките посматрачи, со години се таложеа благодарејќи на тоа што политичките лидери повеќе се занимаваа со апстрактни нешта отколку со реалните проблеми на граѓаните. Дел од нив, како што додаваат, ставаа(т) клипови во тркалото на македонската историја кочејќи ги процесите и прогресот.
Државата во овие неполни три декади од осамостојувањето мина низ низа проблеми, се соочи со многу предизвици – троцифрена инфлација на почетокот на 90-тите години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза, конфликтот 2001 година, стравотен пад на демократските процеси, длабока политичка криза со колективни аболиции и „бомби“… Но, со преговори и договори од Охрид до Пржино, земјата успеваше така ранета да се врати на зацртаните стратегиски цели – зацврстување на демократијата, економски развој, интеграција во евроатлантските структури. Претстојниот референдумот за договорот со Грција се оценува како историска шанса за одлепување од минатото и пробив кон иднината и модерниот свет. И тој како и плебисцитарното изјаснување за независност со одредена симболика се одржува во септември.
Каква асоцијација му раѓаат двата референдума, го прашавме првиот претседател на македонското собрание Стојан Андон. „Среќен сум што ете го доживеав и овој референдум“, со многу емоции зборува Андон, кој во ноември полни 83 години.Граѓаните, вели тој, се горди што пред 27 години се определивме за независна и суверена држава.
„Избегнавме ризик да донесеме брзи одлуки без да го консултираме народот. Референдумот треба да се памети по надежите, очекувањата и зрелоста на граѓаните, еуфоричната атмосфера пред самото изјаснување и општата определба тоа да успее. Тој зазема едно од клучните места во македонската колективна меморија“, нагласува Андов влечејќи притоа паралела со референдумот што претстои.
„Сега сме исправени пред уште еден исклучително важен референдум. Со изјаснувањето за договорот со Грција се остварува основната смисла на референдумот за независност. Тие на некој начин се два поврзани и условени настани. Македонија нема друга алтернатива. Мора да се интегрира во НАТО и европското семејство, со што ќе се потврди идејната концепција и нејзиното постоење како самостоен државен субјект, во спротивно би се довеле до изолација и крајно неизвесна иднина“, порачува Андов.

На референдумот за независност 1991 година му претходеше декларација што ја усвои првиот повеќепартиски парламент, а следен важен чекор беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка на настаните со кои се поставија темелите на независноста фрли бојкотот на референдумот од страна на албанската етничка заедница и неподдржувањето на Уставот од пратениците Албанци.
„Декларацијата ја донесовме со акламација, сите гласавме едногласно, немаше спорови во Комисијата за уставни прашања. Брзавме да ја донесеме, мораше да имаме документ за сувереност бидејќи почнувавме преговори со другите републики. Декларацијата, референдумот и носењето на Уставот беа трите основни документи“, се присетува Андов.
Тој и сега се надева дека и граѓаните и институциите ќе бидат на висина на задачата. „Очекувам граѓаните масовно да излезат и да ги потврдат надежите, очекувањата и целите што ги мотивираа пред 27 години да го дадат својот глас за самостојна и суверена држава. Тоа ќе биде заокружување и надградување на тогашната визија за просперитетна држава. Очекувам потоа и одважност од пратениците кога ќе се гласа во македонското Собрание“, порачува Андов.
За разлика од пред 27 години кога 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот гласаа „за“, факт е дека сега поделеноста во општеството е поголема. Таа поларизираност очигледно ќе се рефлектира и утре во предвечерјето на прославата на македонскиот „трет Илинден“.
Владата, која цврсто стои зад договорот со Грција со кој се отвораат портите на ЕУ и НАТО, е домаќин на централната прослава на Денот на независноста под слоганот „Заедно одиме напред“, на која ќе се обрати премиерот Зоран Заев. Ќе се одвива под отворено небо во дворот на Владата, а ќе започне во 18 часот. Час порано, на неколку стотина метри оддалеченост, во Градскиот парк е најавена народна прослава на роденденот на земјата на движењето „Бојкотирам“.
Од Владата упатуваат покана до сите граѓани за кои е предвидена богата музичка програма.

Наум Котевски