Тевдовски: ЕБОР e заинтересиран да инвестира во гасоводната мрежа


Два крупни проекта од областа на гасификацијата најави министерот за финансии Драган Тевдовски, кој учествува на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Јордан. Првиот се однесува на изградба на секундарна гасоводна мрежа во општините, а вториот за изградба на магистрален гасовод меѓу Македонија и Грција. ЕБОР е заинтересирана за финансирање на двата проекта.

– ЕБОР во моментот финансира два проекта во областа на енергетската инфраструктура во Македонија. Планираме во блиска иднина, да ги зголемиме капиталните инвестиции, пред се во енергетиката. Тука зборувавме и имаме начелна согласност за учество на ЕБОР во два значајни проекта. Првиот е за изградба на секундарна гасификациска мрежа во повеќе општини во различни региони. Големината на проектот е проценета на околу 50 милиони евра. Покрај кредитна линија за овој проект побаравме и грант средства кои треба да обезбедат и изработка на техничка документација на проектот, рече министерот за финансии Тевдовски.

Тевдовски посочи дека вториот проект од областа на гасификацијата за кој се дискутирало на средбите е интерконекција со гасовод на Македонија и Грција.

-Тоа е важен проект. Веќе имаме добиено писмо за интерес од страна на Европската инвестициска банка за финансирање на проектот, а има интерес и од грчката страна за негова реализација, истака Тевдовски.

Денеска во рамки на Годишните средби на ЕБОР, министерот Тевдовски учествуваше на Тркалезната маса на Бордот на гувернери. Тевдовски оствари и повеќе билатерални средби. Фокусот на дискусијата е реализација на тековните, но и договарање идни проекти.