Студенти по фармација и хемија ќе одат на пракса во „Алкалоид“
Со меморандумот за соработка меѓу „Алкалоид АД Скопје“ и Фармацевтскиот факултет и Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, на 10 до 15 студенти од овие факултети три месеци ќе им биде овозможена практична работа во фармацевтската компанија.
Генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов вели дека сакаат да им дадат шанса на студентите многу порано да влезат во рамките на работењето на компанијата.
„Целта на овој Меморандум е да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици. Со овој проект, ние како компанија, во соработка со највисоките научно-образовни институции во земјава, сакаме да им овозможиме на младите талентирани и амбициозни студенти стекнување и практикување на нови вештини во реални процеси во рамки на компанијата“, изјави Мукаетов.
Праксата на првата група студенти ќе почне во јуни годинава. На студентите кои ќе ги исполнат условите за влез во програмата за практикантство, „Алкалоид“ ќе им додели обучен ментор, а матичната образовна установа ќе им даде практичен проект кој ќе треба да го завршат во рок од 3 месеци. По завршувањето на практикантската задача, студентите ќе треба да ги презентираат добиените резултати кои ќе бидат евалуирани од страна на стручните ментори од компанијата и претставниците од респективната образовна установа.