Србија: Се помалку жени се решаваат да родат прво дете


Во Србија се помалку жени раѓаат свое прво дете, вели министерката задолжена за демографија и популациска политика Славица Ѓукиќ Дејановиќ и прецизира дека нивниот број во 2017 година е намален за 1.000 во споредба со претходната година.

– Тој тренд е резултат на иселувањето на млади луѓе од државата, објаснува таа за Танјуг.

Новото истражување на Евростат за демографските трендови покажува дека во повеќето земји во ЕУ бројот на деца родени по жена расте, додека во Србија се намалува.

– Сепак, за да се обновиме како народ и држава, овој индекс треба да биде 2.1 (наместо 1,4 колку што е сега). Новата стратегија за поттикнување на раѓање предвидува серија активности за зголемување на индексот на 1.85, што е наша прва задача, вели Ѓукиќ Дејановиќ.

Од Србија, според неа, се иселуваат најмногу млади луѓе кои се во просек 28 години, меѓу кои секое четврто лице е високо образовано.