Сончев Град го нема, ама Водно остана уништено


Кај новиот кружен тек во Сопиште крај Скопје стои табла „Нерези“, што покажува да свртите десно. Отприлика еден километар нагорнина по нов асфалтиран пат и ете сте на Водно. И тоа со автомобил на другиот крај од планината што до пред неколку години беше незамисливо. Сега и тој дел е урбанизиран, па добивате впечаток дека сте среде нова градска населба, а не на местото што некогаш го нарекуваа „бели дробови на градот“. Од тоа време останати се спомени.

За жал на „моторизираните“, веднаш ги дочекува рампа. Покрај неа има куќичка за работници, но во неа одамна нема никој. Нема потреба, патот што треба да го поврзе едниот со другиот крај на Водно е готов. Но, не е пуштен затоа што заглави втората важна работа, всушност и прва, бидејќи поради неа и се правеше масакрот врз дрвјата. Зборуваме за населбата Сончев Град што беше замислена како елитна населба со 3.000 жители.

Проектот е стопиран, ама природата си остана обезличена. За навек.

Направени се патокази што покажуваат дека сте близу до Сончев Град, но поврзување со населбата нема. Еден куп земјиште, камионите, багерите и машините не стигнале да го асфалтираат тој дел од патот. Немало причина, затоа што таму нема ниту куќи, ниту пак нешто се работи. Ќе се чекаат некои други времиња.

За тоа време, пешаците и велосипедистите можат да уживаат во трикилометарската делница до кружниот тек кај Средно Водно. До пред некое време и автомобилџиите, кои во ноќните часови се тркаа на раат. Затоа е ставена рампата. Долу Скопје спие како на дланка. Мир и тишина. Чистиот воздух е загаден од механизацијата што од 2013 година го силуваше Водно. Се вршеше минирање, „горниот кат на Скопје“ личеше на каменолом. Ги снема дрвата, патеките што беа омилено сврталиште за рекреативците, но и натаму е неспоредливо почисто во однос на градот.

Популарното Марково Крувче можат да го забележат само по навигација тие што претходно знаеле каде е. Патот се крши околу местото и се спојува до поранешниот хотел „Панорама“ на другата страна. Првичната идеја беше да се направи директна линија, но градежниците се премислија оти требаше да се удри во сржта на ридот: на Средно Водно. Среќа. Инаку, над Марково Крувче се познатите Маркови кули – градба што го идентификува Скопје со Јустинијана Прима. Патот за Сончев Град кружи и околу нив.

Регионалниот пат од едниот до другиот крај со предвидените приклучоци е долг 4.4 километри. Води од улицата „Водњанска“, преку Марково Крувче до Сопиште. Неговата изградба чинеше околу седум милиони евра. Планиран беше проток на 700 до 1.000 возила дневно. Населбата беше планирано да се простира на 58 хектари, кои ги купи турскиот „Џеваир холдинг“ за околу два милиони евра.

Цените на земјиштето во Сопиште скокаат веќе петнаесетина години. Ако во почетокот на векот, еден квадратен метар можеше да се купи за три или за четири евра, денес таа бројка е зголемена за дваесет и повеќе пати. И уште расте.

Прашање на време е кога патеката ќе стане проодна и за автомобилите и Скопје дополнително да се задуши во смог.

Текст и фото: Горан Адамовски