Скат: Договор за Косово се уште е можен


Договор за Косово се уште е можен, оцени американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скат и истакна дека за негова имплементација би била важна поддршката од САД, Германија и Русија.

– Мислам дека се уште е можен договор за Косово и се надевам дека лидерите во регионот ќе продолжат понатаму, бидејќи имаме можност да изградиме регион заснован на мир, стабилност и просперитет, рече Скат.

Тој додаде дека Белград и Приштина треба да дојдат до договор за Косово и дека само таков договор ќе биде траен. Скат прецизира дека поддршка од САД, Русија и од Германија би била важна за имплементација за таков договор.

Американскиот амбасадор додаде дека Русија и понатаму е дестабилизирачки фактор на Балканот  и оти постои несогласување на САД и Русија за многу прашања, но двете држави се подготвени за соработка кога интересите им се совпаѓаат.

– Кога станува збор за стабилноста во овој регион мислам дека нашите интереси се совпаѓаат, нагласи Скат.