Сите градинки во Аеродром ќе добијат прочистувачи на воздух


Сите градинки во Општина Аеродром ќе добијат прочистувачи на воздухот. Општината веќе распиша набавка за купување на 83 прочистувачи, за кои проценила дека ќе плати околу 15.000 евра без ДДВ.

„Тоа е една од интервентните мерки во борбата со нечистиот воздух. Планирано е прочистувач да има во буквално сите простории во секоја градинка. Очекуваме набавката да заврши за најмногу еден месец, во случај да нема жалби на процедурата, па така веќе најдоцна до крајот на април прочистувачите да бидат поставени низ градинките“, ни изјави Златко Марин, градоначалник на Општина Аеродром.

Во тендерската документација е наведено дека Општината бара да купи 83 прочистувачи, од кои 36 за прочистување на простории со квадратура од најмалку 30 метри квадратни и 47 за простории со најмалку 50 метри квадратни. Заедничко за сите прочистувачи е тие да имаат функција да го прочистуваат воздухот од честички ПМ 2,5, ПМ 10 и ПМ 0,3-0,5, истовремено да го прочистуваат воздухот и од прашина, чад, мувла, човечки и животински влакна, вируси, бактерии…(Д.Т.Д.)