Се распаѓа јавниот превоз на Скопје


Јавниот превоз на Скопје е пред колапс, а возењето со ЈСП за патниците секојдневно е сè потрауматично искуство. Наместо брз, ефикасен и еколошки транспорт, каков што заслужува секој современ град, Скопје е заложник на проблемите што ни ги отворија кинеските даблдекери и украинските автобуси, кои по само неколку години се покажаа како многу неквалитетни и непрактични.

И наместо да одиме напред и да размислуваме како да го подобруваме јавниот транспорт, ние повторно сме на почетната точка, кога мораме да купуваме нови автобуси. А, проблеми со ЈСП, колку сакате. Возниот ред е целосно неприспособен на потребите на динамичен град, на активни луѓе на кои им треба брз превоз. Хроничкиот кусок на возила, дури и по големата набавка на кинески и украински автобуси, не дозволува да се зголеми фреквентноста, па ако секаде во Европа автобус поминува на две-три минути, во Скопје го чекаме по 15-20. А, со сè почестите дефекти граѓаните чекаат и по 30-40 минути, па и кога ќе дојдат автобусите се преполни.

Второ е прашањето каков автобус ќе дојде. Тамам нè убедија дека сме заслужиле да се возиме како луѓе, во нови, чисти, топли автобуси, на улиците се вратија праисториските „саноси“, барем оние што не ги испратија на рециклирање како старо железо. Трето е прашањето за линиите, необновени којзнае колку години, кои не го следат развојот на градот, па така имаме цели населби до кои оди само еден автобус или, пак, воопшто го нема. Резултат на сето ова е фактот дека граѓаните повторно немаат елементарни, хумани услови за патување. А, превозот си го плаќаат секојдневно. Од наш џеб ги извадија и парите за нефункционалните кинески и украински автобуси, а сега ќе плаќаме и за новата тура возила на гас. А, тоа не ни е никаква гаранција дека за некоја година повторно нема да се најдеме во истава ситуација.

Бидејќи за ефикасен и брз превоз не требаат само нови и нови возила. За да ги натерате луѓето да ги остават автомобилите дома и да почнат да ги менуваат навиките, ќе треба систем што ќе функционира. Не изговори.

Во ЈСП „Скопје“ проблемот со доцнењето и дефектите го гледаат во лошата набавка која не обезбедила сервис и резервни делови, како и во тендерите кои со жалби и приговори се развлекуваат во недоглед и заради кои трпи ефикасноста. Се жалат и дека кога се набавувале автобусите било важно како ќе личат, а не колку се квалитетни и, веројатно, во сите забелешки има вистина. Но дали тоа треба да ги загрижува и да ги оптоварува граѓаните?

Секако дека не. Градот Скопје, градоначалникот и неговиот директор мора да најдат начин да ги менаџираат состојбите, такви какви што се. Планираната набавка на автобуси на гас можеби делумно ќе го реши проблемот, но, додека тие стигнат, и градоначалникот и директорот мора да имаат на ум дека стотици илјади граѓани на работа, на училиште, на лекар.. одат со јавен превоз. Нивните потреби нема да се одложат додека стигнат новите автобуси, и затоа во право се кога бараат пристоен, навреме и ефикасен превоз да им се обезбеди сега.

Деновиве веројатно имаме среќа што во Скопје задува ветерче, па ги однесе и ПМ-честичките. Што ќе се случи кога ќе биде екстремно загадено и кога ќе се ограничи движењето со автомобил? Како Градот Скопје ќе ги стимулира граѓаните да го користат повеќе јавниот превоз кога автобусите или доцнат или ги нема, кога во нив ниту сега нема место за сите граѓани пристојно да патуваат, а не, пак, ако повеќето ги остават возилата дома.

Затоа, доста со изговори, време е да се почне со решавањето на проблемите, всушност тоа е суштината и на градоначалничката и на директорската функција. ЈСП веќе неколкупати позајмуваше автобуси, електрични и на гас. Зошто, едноставно не позајми пак, овој пат поголем број и на неколку месеци, додека не стигнат новите. Тоа сигурно ќе чини многу, а сметката, како и вообичаено, повторно ќе ја платат граѓаните. Ама барем да не го преживуваат истиот стрес, ќе дојде ли денеска автобус?

Сања Наумовска