Се зголемуваат пријавите за семејното насилство, но ретко се стигнува на суд


Во Прилеп се зголемува бројот на пријавување на случаите на семејното насилство. За два месеца во прилепскиот Центар за социјални работи се пријавени од полицијата, 51 жртва на семејното насилство, констатираат од Центарот за социјални работи.

Според Јасминка Митреска, социјален работник која ги води случаите на семејно насилство ова значи дека жртвите се охрабруваат да пријават, но, за жал не одат до судска разрешница.

–Oд пријавените околу 60 насто од случаите се рецидиви, односно, во претходните години веќе биле регистрирани во центарот за социјална работа. Бројот на пријавувањата на жртвите е поради нивната информираност дека постои Центарот за социјални работи, дека постои МВР и одредени мерки за нивна заштита. Токму затоа бројот е зголемен. Но, се уште жртвите не се охрабруваат да поднесат мерки за изрекување во судот, иако привремените мерки за заштита на суд се бесплатни. Затоа од 51 пријава, имаме само во еден случај изрекување судски мерки, додека сите други жртви се откажуваат, вели Митреска.

Како што објаснува Митреска, жртвите сметаат дека насилникот доволно се заплашува со самото пријавување и повикување во Центарот за да не го повтори насилството.

– Не сакаат да одат на суд, главно, зашто сметаат да не им се влошува дома ситуацијата, повеќе да не си ги нарушат односите. Најчесто сакаат насилникот да биде повикан во Центарот, да му се укаже на последиците доколку го повтори насилството и така да се откаже. Очекуваат дека заплашувањето е доволно. За жал, жртвата сепак останува со насилникот мислејќи дека опомената и застрашувањето се доволни. Причина не е материјалната зависност. Од евиденцијата која ја имаме, повеќето жртви се вработени. Но мислат, поради децата, ќе се подобри ситуацијата, вели таа.

Насилството, најчесто, е меѓу брачните и вонбрачните другари и помеѓу родители и деца – син врз татко или мајка. Центарот за социјални работи во 2017 и во 2018 година има евидентирано по 154 случаи на семејно насилство. Им недостигаат тимови за работа.

-Доколку продолжи трендот на пријавување на семејното насилство во зголемен обем, потребно е да работат повеќе тимови на социјални работници. Моментално имаме мал број социјални работници. Се случува еден тим да работи на повеќе категории, вели Митреска напоменувајќи дека жртвите главно сакаат да бидат сместувани кај роднини, а не во Шелтер центри.

Прилепскиот центар за социјални рбаоти соработува со невладината Центар за граѓански иницијативи каде веќе две години имаат проект за семејното насилство во руралните средини, главно во општина Долнени.

Кристина Павлоски, психолог во ЦГИ вели дека прво се работело на запознавање како да се препознае семејното насилство, а од лани и со давање психолошка и правна помош на жртвите. Бројот на случаи на семејно насилство се зголемува, особено со подигнувањето на свеста за тоа кај жртвите.

-Лани работевме со 13 случаи. На сите им беше пружена психолошка, а во седум случаи и правна помош. Се сконцнтриравме на состојбите во општина Долнени, а годинава и во Прилеп, пред сѐ, на маргинализираните групи, како што се Ромите. Бројот на пријавувањето на случаите на семејно насиство се зголемува, зашто работиме на подигнување на свеста, најмногу, кај жртвите. Поради информираноста, луѓето почнуваат да се ослободуват и да го препознаваат семејното насилство, објаснува Павлоски.

Талкија Петреска, правен советник вели дека главно насилството е на сопругот спрема сопругата и децата, но има случаи на малтретирање родители. Во голем дел причини за насилство, освен пороците кај сопругот се и одредени традиции.

-Во дел населени места, според традициите, се забранува мајката да оди на родителска средба или жената да влезе во маркет и да пазари. Забранети се полуматурските и матурските забави за младите девојки. Остануваат главните причини за семејно насилство: пороците на сопругот, но и неговата љубомора. Имавме случај кога жената, не можејќи да се соочи со состојбите, си го одзеде животот. Традицијата и затворениот семеен круг прават да не бидат свесни дека станува збор за семејно насилство. Но достапноста до Интернетот и другите искуства, ја променуваат состојбата, вели Петреска.