Светска банка: И за најнизок раст во регионот, што покуса политичка криза


Македонија ќе ја заврши годинава со најнизок раст во регионот, предвидува Светска банка. Но и тоа е условено од успехот на договорот за името со Грција. Во редовната есенска економска анализа за Западен Балкан, Светска банка вели дека годинава Македонија ќе има раст од 2,5 проценти.

„Економските изгледи се позитивни и се очекува дека до 2020 растот постепено ќе стигне до 3,2 проценти. Поттикнато од закрепнувањето на инвестициите, подобрената политичка клима и крајот на техничките тешкотии кои ги запреа работите на двата автопати, градежништвото се очекува да закрепни. Се очекува раст на производството, поттикнат од надворешната побарувачка. Приватната потрошувачка е проектирана да расте преку поголемите плати, раст на вработувањата, раст на кредитите за население и, како што најавија властите, раст на социјалните трансфери. Ова основно сценарио е условено од успехот на договорот со Грција за решавање на спорот за името и заживување на процесите за НАТО и ЕУ членство“, нотира Светска банка.

Директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели, изјави дека последиците врз економијата зависат од тоа колку ќе трае политиката криза.

„Во 2017 имаше нула раст по долг период на политичка нестабилност која ja обнови несигурноста кај економските оператори и доведе до исчезнување на приватните инвестиции од економската слика. Сега гледаме што ќе дојде во иднина низ таа призма, нивото на политичка нестабилност и несигурност што оваа состојба може да ги генерира. Се надеваме дека тие ќе бидат минимални и ако тоа се случи така, минималните оштетувања ќе бидат придружени со забрзување на реформските процеси. Ако некој од условите недостига, поради долга политичка нестабилност и високо ниво на несигурност, движењата нема да бидат толку позитивни. Секоја земја оди низ свои политички процеси и овој е многу важен за Македонија бидејќи е нејзин критичен момент за критично прашање. Нашата желба е да се најде решение за што пократко време бидејќи колку подолго трае ги зголемува нестабилноста и несигурноста за економијата“, објасни Мантованели.

Проценките на Светска банка се дека Косово и Албанија ќе имаат 4 проценти раст на економијата, Црна Гора 3,8, Србија 3,5, Босна и Херцеговина 3,2.

Светска банка ѝ советува на Македонија да се фокусира на стабилизирањето на јавниот долг. Очекува дека годинава ќе достигне до 50 проценти. Препорачува Македонија да се задолжува само за продуктивни цели.

„Ја нагласуваме потребата за спречување на натамошен раст на јавниот долг, а за тоа треба да е намали дефицитот. Има два начина за тоа да се оствари, преку зајакнување на наплатата на приходи и проширување на даночната основа и преку подобрување на ефикасноста на јавните трошења особено во делот на социјалните политики како и субвенциите и начинот на кој се управуваат капиталните инвестиции“, изјави Сања Маџаревиќ-Шуистер, економски аналитичар за земјите од Западен Балкан во Светска банка.

Долговите на општините се дел од јавниот долг и мора да се вратат, иако „се направени без сметка“. За Светска банка е прифатливо зголемувањето на рочноста на долговите на локалната самоуправа и препорачува посилна контрола на натамошните трошења.

Даночна реформа во делот на прогресивното оданочување е прифатлива доколку се ограничи на 3 до 4 проценти од населението и преку намалување на многубројните даночни ослободувања. Поради актуелните политички случувања, Мантованели нагласи дека ваква даночна реформа ќе треба да реализира оваа или која било влада.

За лошата реализација на капиталните инвестиции, кои за осум месеци се реализирани само со 23 проценти, Светска банка смета дека во септември нема време за пренамена на средства на други проекти. Банката препорачува зајакнување на управувањето со јавните инвестиции, преку изготвување среднорочна стратегија поврзана со развојната стратегија на земјата.

Анита Салтировска