САД се заинтересирани да успеат дипломатските активности меѓу Скопје и Атина


САД се заинтересирани да успеат дипломатските активности меѓу Скопје и Атина за решавање на прашањето за името. Ова е ставот на американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајат искажан на Економскиот форум во Делфи, Грција, на кој поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани беше многу поскептична. Таа рече дека се плаши оти ова е само уште една во синџирот можности што ги изгубила грчката надворешна политика, упатувајќи критики до актуелната грчка Влада дека на катастрофален начин управува со прашањето.

„Ципрас создаде проблем внатре во земјата, создаде проблем во преговорите, бидејќи на средина на преговорите се сетија на ерга омнес, на средина на преговорите се сетија дека за да биде ерга омнес потребна е некоја промена во Уставот на соседната земја”, изјави Дора Бакојани – поранешен министер за надворешни работи на Грција

Дел од домашните аналитичари, пак, се со став дека евентуална додавка во името не би влијаела и на промена на идентитетот на граѓаните.

„Јас сум државјанин на Република Македонија, по државната националност сум од Македонија, а по етничка припадност или идентитетска припадност сум Албанец. Јас сум конкретен пример или доказ дека името на државата воопшто не влијаело врз моето етничко чувство или етничка припадност, да не зборувам за идентитетот“, вели Алберт Муслиу – политички аналитичар.

„И самата флоскула кажува дека се работи за одредница која се однесува на географските аспекти пред се на зборот Македонија. Ако се има во предвид дека Македонија е и регион во Грција, меѓутоа се однесува и на нашата држава, од тука исклучиво и единствено квалификацијата е географска, а никако не е идентитетска“, изјави Ана Чупеска Станишковска – политиколог.

Антропологот Горан Јанев вели дека е потребно достоинсвено решение за прашањето за името. Во спротивно, вели Јанев, дел од граѓаните ќе се чувствуваат поразено, а тоа може да има тешки последици.

„Рупублика Македонија, како таква, ако го изгуби дел од своето достоинство ќе створи прво траен конфликт внатре во македонското етничко тело, ќе имате многу долго време луѓе кои ќе се чувствуваат, не поразени, туку уништени и понижени. Такви не ви требаат како граѓани во една земја бидејќи тие не ќе знаат како да го канализираат својот гнев. Тоа е проблем од невидени размери и во однос на меѓуетничките односи внатре во земјата и кон надвор“, смета Горан Јанев – антрополог.

Затоа, смета Јанев, иако е посакувано брзо решение, разговорите со Грција треба да се водат со внимателност и со отворен ум, за од нив да се излезе со зачувано достоинство.

/Алсат-М/