Рот до Македонија и Грција: Не ставајте црвени линии, решете го спорот
Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот им порача на Македонија и Грција да не поставуваат црвени линии и да направат се за да го решат спорот околу името, предупредувајќи на ризикот од испуштање на моменталната шанса.
„Мошне сум задоволен од гестовите во рамки на мерките за градење доверба кон земјата, за која сум особено загрижен, Грција. Спорот, кој еднаш го нареков провокативен и кој освен Атина и Скопје, никој не го разбира, мора да се реши. И сторивте многу, нешто што не успеаја да го направат претходните влади. И ве молам ова што ќе ви го кажам не сакам да звучи шокантно. Согласно моето досегашно ограничено политичко искуство ви велам: Не ставајте црвени линии! Седнете заедно и разговарајте!“, порача Рот на дебатата во Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин.
На дебата на тема „Од предизвици до перспективи: Демократските реформи и Евро-атлантска интеграција на Република Македонија“, главен говорник беше премиерот Зоран Заев, а на неа учествуваше и Курт Бек, претседател на Фондацијата.
Рот предупреди дека постои можност за затворање на „прозорецот на можности, кој моментално е отворен“.
„Обединетите нации се способни за водење на овој процес, со вашата конструктивна поддршка и со поддршката на грчката Влада, за успешна интеграција. Сега прозорецот на можностите е отворен, но наскоро ќе се затвори“, изјави Рот изразувајќи ја подготвеноста на германската Влада да помогне доколку тоа е потребно.