Рикер: Историјата да биде школо, а не затвор


Историјата треба да биде школо, а не затвор – порача денес новоименуваниот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер, кој се уште во старото својство престојува во Македонија, или како што порача – дома.

-Пресреќен сум што сум тука. Особено сега кога Северна Македонија направи огромен чекор напред кон нејзиното место во Европа и во НАТО, порача Рикер, пред да ги упати пораките до сите земји во регионот и да предупреди на опасностите со кои се соочува Балканот од геополитички и внатрешен аспект.

-Трансатлантската заедница останува темел на надворешната политика на САД. Европската унија е еден од нашите најблиски партнери во голем број меѓународни напори. Додека другите можеби сакаат да го свртат вниманието на нашите разлики, во реалноста ние се согласуваме многу повеќе отколку што не се согласуваме“, порача Рикер. Според него посветеноста на САД на Членот 5 од договорот за НАТО, кој значи дека напад на секоја земја членка е напад врз сите, е „железна“, додавајќи дека во моментов од Кавказот, Балтикот па до Балканот европските граници се на удар на геополитичките интереси на Русија и на Кина.

-Европа денес без одрекување е центар на геополитичко натпреварување. Во последните години Москва се обидуваше насилно да ги прецрта границите во Европа, ги малтретираше нејзините соседи, лансираше дезинформирачки и дестабилизирачки кампањи против Западот и воено се засилуваше на нејзините граници. До каде ќе оди во нејзиното малигно влијание беше јасно по обидот да го спречи членството на Црна Гора во НАТО, каде што отиде толку далеку што поддржа пропаднат обид за насилно менување на владата во Подгорица“, рече Рикер. За Кина, пак, посочи дека со платформата 16+1 и инцицијативата за градење патишта и други проекти сака да го прошири своето глобално присуство и, како Русија, да ја намали солидарноста на Западот. САД и Европа, заклучи тој, мораат да работат заедно за да осигураат дека Западот останува најатрактивниот модел за модерни и слободни општества.

Порача дека, заради ваквите предизвици, потребни се потранспарентни и поодговорни влади во регионот, владеење на правото, слобода на медиумите и ангажирани граѓани, место сегашната состојба на поделени и ранливи држави во регионот. Клуч за ваква трансформација се лидерството, храброста, визијата и волјата да се преземат ризици, оцени Рикер па го наведе Преспанскиот договор како одличен пример за тоа, со забелешка дека НАТО земјите се натпреваруваат сега кој побрзо ќе го ратификува приемот на нашата земја.

-Цели 27 години меѓусебната недоверба и историските несогласувања меѓу Скопје и Атина го блокираа патот напред. Од мое лично искуство можам да ви кажам дека ова прашање е неверојатно сложено и, според многумина, се сметаше за нерешливо. Да се дојде до оваа точка не беше лесно, се разбира. Толку многу пати инволвираните лидери одбиваа да се откажат од процесот и продолжија.Успехот на Договорот од Преспа е доказ што можат да постигнат напорната работа и компромисот ако одделни лидери демонстрираат лидерство“, порача Рикер. Верувам, рече тој, дека и другите лидери на Западниот Балкан го забележуваат ова искуство кое докажа дека историските конфликти со длабоки корени можат да бидат надминати и дека предизвиците наметнати од лоши актери, тврди националисти и оние што ги користат слабите демократски институции и ендемската корупција може да бидат надминати, ако има визија и политичка волја.