Ризикот од несакана реакција на вакцините – еден на милион


Ризикот од некоја несакана реакција од вакцините е еден на милион, а користа од нив е далеку поголема, велат педијатрите откако повторно се разгоре дебатата „за“ и „против“ задолжителна вакцинација на децата и за квалитетот на вакцините.

Опфатот на вакцинацијата три години под ред опаѓа под препорачаните 95 отсто. Според последните податоци од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за минатата година, најмал е опфатот за вакцината против ХПВ што се става кај девојчиња до 12 години. Лани опфатот со оваа вакцина е само 48 отсто. Следна е вакцината против МРП (мали сипаници, заушки и рубеола), чиј опфат за 2017 година е 82, 6 отсто. Тоа е вакцината која дел од родителите ја одбиваат поради сомнеж дека предизвикува аутизам. Се става кај дете на 12 месеци, а втората доза е на 6-годишна возраст.

Д-р Катерина Ставриќ, имунолог и директорка на Детска клиника, објаснува дека нема сто отсто заштита од вакцина.

– Има очекувани и неочекувани несакани реакции. Но, кој е бенефитот, а кои се штетите? Ние го кажуваме кој е ризикот, но не можеме да предвидиме дали токму кај тој пациент ќе се случи. Ако се случи, за родителот тоа е 100 отсто. Имаше неколку случаи со полио каде што државата застана зад тие реакции – рече д-р Ставриќ.

Секое дете, за кое постои сомнеж дека се појавила несакана реакција, се упатува на Детска клиника, во Одделение за поствакцинални реакции. Секоја несакана реакција по закон мора да се пријави. Притоа имунолозите проценуваат дали навистина станува збор за несакана реакција или се случило совпаѓање со некоја инфекција.

Педијатри од диспанзерите каде што се ставаат вакцини велат дека најчести се локални реакции, во зависност од типот на вакцината. Такви се оток, црвенило, благо покачена температура, кои спонтано поминуваат. Тешки несакани реакции се висока температура или грчеви, но тие се исклучително ретки.

Феномен што се случува во последните 5-6 години е дека сега вакцинација одбиваат оние што живеат во градовите, за разлика од претходно кога опфатот беше помал во рурални средини.  На пример, во скопските општини Центар и Карпош опфатот за МРП вакцината е околу 60 отсто, што е отворена врата за појава на епидемија. Минатата година, опфат понизок дури и од 80 отсто е регистриран во Куманово, Скопје и во Прилеп. Препораките на Светската здравствена организација се исполниле во само шест града: Свети Николе, Берово, Виница, Кратово, Дебар и Македонски Брод.

Со тендерот што беше распишан во 2016 година, Македонија набави вакцини од Франција, Белгија и дел од Бугарија. Притоа, покрај цената, пропишани се и други услови што треба да се исполнат пред вакцината да влезе во земјава – производителот да е од ЕУ, од САД или од Канада, да е регистриран во Македонија или во земјата од каде што доаѓа, да има сертификат за квалитет потврден од акредитирана лабораторија и да ги запазува критериумите за добра дистрибутивна пракса.

Тимовите почнаа да „ловат“ невакцинирани деца

Почна теренската акција што ја најави Министерството за здравство, при што превентивни тимови ќе ги проверуваат картоните за имунизација на децата во секоја општина за да пронајдат невакцинирани деца кои треба да бидат имунизирани.Акцијата трае од 23 до 29 април.

Екипа од службата за имунизација на претшколски и школски деца при ЈЗУ Здравен дом од Велес вчера беше на терен во населбата Рамина во Велес, каде што вакцинираше претшколски и школски деца, кои главно не одат на училиште.

Доктор Пандели Божиков, специјалист за училишна медицина, изјави дека од 14 невакцинирани деца евидентирани на списокот, денеска се вакцинирани пет претшколски и три школски деца. Останатите шест што не беа најдени, главно се иселиле со родителите во Германија.

– Апелирам до сите млади родители да дојдат во нашата служба во ЈЗУ Здравен дом и да ги вакцинираат своите деца и така да го заштитат нивното здравје од опасните заразни болести – рече д-р Божиков.