Реприза 2002-2006
Роберт Несими
Минатата недела Македонија направи уште еден голем исчекор на нејзиниот пат за ЕУ и НАТО. Вкупно 80 пратеници гласаа да започне процесот на уставни измени што се потребни за целосна имплементација на договорот со Грција, при што лесно може да се претпостави дека овие гласови ќе бидат тука и за гласање на самите уставните измени на крајот на процесот. Секако, ова е важна победа за проевропските сили во земјата, но многумина се примамени истото да го толкуваат и како голема победа на СДСМ над ВМРО. Јас не се согласувам. Всушност, политичката состојба во земјата повеќе изгледа како повторување на претходниот мандат на СДСМ на власт, од 2002 до 2006 година. За да видиме зошто е така, потребен е краток преглед на тој период, пред да видиме кои се паралелите со денешната состојба.
СДСМ дојде на власт во 2002 година откако ВМРО претходно владееше четири години. Нејзиното владеење беше полна со скандали, пред сè поради неодговорноста, злоупотреба на јавни средства и брзо збогатување, како и изборни манипулации на претседателските избори во 1999 година и на локалните во 2000 година. Нејзиниот мандат кулминираше со целосна криза и со албанското востание од 2001 година. Тоа заврши со потпишување на охридскиот Рамковен договор, а една година потоа СДСМ лесно победи на парламентарни избори. Диктирана од бројките оваа партија формираше влада со ДУИ, која беше апсолутен победник во албанскиот блок. Во тоа време тоа беше контроверзен чекор бидејќи ДУИ се сметаше за радикална партија бидејќи штотуку беше трансформирана во политичка партија. Самиот СДСМ претходно имаше ветено дека нема да прави таква коалиција.
Многумина очекуваа дека Македонија со новата влада ќе сврти страница и конечно ќе стане нормална земја. Пред сè, се очекуваше вистинско воспоставување на владеење на правото, дека власта ќе биде одговорна, ќе се одговара за злосторства, а украдените пари ќе се вратат во државната каса. Скоро ништо од ова не се случи. Целата транзиција на власт се чини се случуваше со тивок договор за амнестија склучен помеѓу двете големи партии.
Кон средината на нејзиниот мандат владата се соочи со референдум. Причина за тоа беше новата територијална поделба, која ВМРО нечесно ја претстави во националистички термини тврдејќи дека тоа е победа за албанскиот сепаратизам кој сериозно се заканува на територијалниот интегритет на земјата. Но референдумот беше успешен и новата територијална организација стапи во сила. Тогаш се велеше дека тоа е тежок пораз за ВМРО. Во меѓувреме партијата се подели од внатре, а харизматичниот претходен лидер Георгиевски формираше нова партија. Повеќето од пратениците го следеа Георгиевски и беа непослушни кон матичната партија. Во таква тешка ситуација, се предвидуваше дека партијата може најбрзо да се распадне и дека нема шанси да се врати на власт за подолго време.
Сепак, испадна дека референдумот бил точка на пресврт помеѓу СДСМ и ВМРО. Далеку од пораз за ВМРО, власта беше таа која имаше огромен пад на нејзиниот рејтинг. Неколку месеци пред изборите Македонија доби кандидатски статус од ЕУ, но ни оваа победа не му помогна на СДСМ на избори. На тие избори ВМРО издвои чиста победа. Значи, тргнувајќи од ненадежна положба во 2002 година, таа успеа да направи целосен пресврт и да се врати на власт, овој пат за наредните 10 години.
Слично на 2002 година, СДСМ го презеде управувањето со земја речиси уништена од претходната власт на ВМРО. Таа повторно, но сега во многу поголем обем, имаше злоупотребено јавни средства и манипулираше неколку изборни циклуси по ред. На крај повторно се соочи со голема криза, со таканаречените бомби и масовни протести. Така, СДСМ повторно дојде на власт со очекувања слични на 2002 година за одговорност на власта и за владеење на правото. И повторно бројките диктираа коалиција со ДУИ, и повторно ова беше контроверзен потег, овој пат не затоа што ДУИ се смета за радикална, туку од причина што беше рамноправен партнер на ВМРО при сите екцеси на режимот.
Спротивно на очекувањата, скоро ништо не е променето во претходните две години со СДСМ на власт. Јасно е дека власта и натаму има голема моќ во сите сфери, дека нејзината одговорност и транспарентност се само фасади, а во меѓувреме продолжува да работи на истиот стар начин, често со истите стари проверени фаци. Точно е дека се процесирани неколку случаи на корупција со висок профил, но тие сè уште се премалку. Генерално има чувство дека поминуваме низ сличен процес на тивка амнестија, договорена од страните при транзиција на власта.
Морничавата паралела со претходната влада на СДСМ секако е референдумот и договорот за името. ВМРО уште еднаш е челник на неискрена кауза против договорот, кој го претставува како закана за самото постоење на земјата и на македонскиот идентитет, на сличен начин како што правеше со територијалната организација. Исто така, јасно е дека таа се соочува со внатрешни поделби по неколку линии, а најважната е помеѓу нејзините пратеници и партиското раководство.
Од овие причини нејзините шанси да ја предизвика партијата на власт повторно се отпишуваат прерано, како што се правеше и пред една и пол декада. Но, ако ги следиме настаните од 2002-2006, ова може да биде голема грешка. Тогаш испадна дека внатрешните поделби не и зададоа некој поголем удар на ВМРО. Партијата го користеше тогашниот референдум за да јавне на бран од национализам, комбиниран со константен напад при секоја грешка на владата на СДСМ. И, нема ниту една причина да претпоставиме дека нема да го прави истото и сега. Далеку од пораз за ВМРО, договорот за името ќе ѝ служи како повик за собир и мотивација на нејзината база, кој евентуално ќе ги засени нејзините криминали од времето кога беше на власт. Затоа очекувам дека таа ќе продолжи да води кампања со патриотска реторика, а во меѓувреме ќе ја напаѓа владата за секаква причина.
Погрешно е и надевањето премногу во ЕУ и НАТО интеграциите како противтежа на рејтингот на ВМРО. Оваа партија константно ќе тврди дека тие достигнувања се премали за големата цена што требаше да ја плати државата, како што го критикуваше кандидатскиот статус во 2005 година бидејќи земјата не ги започна веднаш пристапните договори. И, како што кандидатскиот статус не му помогна на СДСМ на избори, нема причина зошто да се мисли дека и овој пат нема да биде исто.
Мандатот на СДСМ досега изгледа како повторување на претходниот мандат 2002-2006 година. Ако продолжи по истиот терк, ВМРО е далеку од разнишана и може да се врати на власт многу порано од тоа што го тврдат експертите.