Расте бројот на загинати во Источна Гута


Најмалку 46 лица загинаа денеска при нови напади на сириските владини сили врз регионот на дамаското предградие Источна Гута, што е под контрола на бунтовниците, соопшти вечерва Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

Најновите напади доаѓаат во услови на зајакнатите повици на повеќе светски лидери и организации за прекин на нападите врз Источна Гута, во кои изминативе денови загинаа неколку стотици лица и во пресрет на вечерашната седница на Советот за безбедност на ОН, посветена на ескалацијата на насилствата во Сирија.

Според бунтовнички извори, цели на нападите на сириските владини сили последниве денови се згради, болници и инфраструктура. Бомбардирањата принудија голем дел од 400-те илјади жители на реонот на Источна Гута, што се наоѓа источно од Дамаск, да спијат во подруми и импровизирани засолништа, а лекарите, како и спасувачите, кои со денови го пребаруваат теренот и извлекуваат жртви од под урнатините, се преоптоварени и изнемоштени.

– Возилата на брзата помош не можат да дојдат до ранетите. Секоја минута паѓаат гранати и ракети и никој не може да се движи. Во исто време паѓаат меѓу пет и 10 проектили и предизвикуваат нешто што потсетува на земјотрес, изјави за ДПА локалниот хуманитарен активист Мазен ал Шами.

Друг активист пак тврди дека при денешните напади била урната зградата на Црвената полумесечина во местото Хараста, во близина на Источна Гута.

Организацијата Лекари без граници алармира дека за три дена во Источна Гута се бомбардирани 13 болници, во кои работат нејзини медицински лица.

Лекари без граници посочија на голем број човечки жртви. Само според податоците од болниците, со кои тие соработуваат, за два и пол дена (од 18 до 21 февруари) при бомбардирањето и артилериско гранатирање биле убиени 237 лица и ранети 1.285 други. Организацијата потенцира дека бројот на жртви „расте од час во час“.

Во меѓу време, руски медимум информираа дека Москва го засилила своето присуство во Сирија со неколку воени авиони.

Медиумите емитуваа кадри од слетувањето на два авиони Су-57 во воздухопловната база Хмејмим во провинцијата Латакија, која е главен центар на руските операции во Сирија.

Во базата вчера пристигна авион за рано предупредување А-50, четири борбени летала Су-35 и четири авиони за воздушна поддршка Су-25.

Кремљ денска не ги коментираше информациите и за сите детали ги препраќаше прашањата на војската, која исто така не даде коментар. Русија ги отфрли обвиненијата дека е одговорна за големиот број загинати цивили во Источна Гута.

Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, како и Катар, со кого двете држави ги прекинаа дипломатските односи поради врските со Иран, апелираа сирискиот режим да ги прекине нападите врз бунтовничката енклава.