Пролетен умор – природата се буди, ние заспиваме


Замор, намалена концентрација, сонливост, исцрпеност, вртоглавици, мачнини, се симптомите кои ги чувствуваат повеќето луѓе на почетокот на пролетта. Лекарите предупредуваат дека знаците и не се така наивни и се знак или на пролетен замор, кој не е безопасен, или се најава за потешки нарушувања во организамот, за депресија или анксиозност.
На крај на долгата зима, има луѓе кои се чувствуваат многу изнемоштено. Дали таквото чувство е во ред, како да се поврати енергијата и желбата за живот?

Причини

Некои стручњаци како причина за пролетниот замор го наведуваат не толку недостигот на витамини, колку промените на временските услови за време на пролетниот ден, кој е сè подолг во однос на кратките зимски денови, како и промена на климата последниве години. Други фактори се недоволна сончева светлина за време на зимата (што доведува до хиповитаминоза и посебно до намалување на нивото на витамин Д и хормонот на среќата – серотонин) и намалена физичка активност за време на студеното време.
Научно е докажано дека природата на различни начини влијае врз човекот. Имено, околината влијае врз организамот преку кожата, дишењето, исхраната, сетилата и вегетативниот нервен систем. Пролетниот умор, всушност, е комбинација од овие фактори. Кожата е погодена од растечките температури и зголеменото сончево зрачење. Концентрацијата на полен влијае врз дишењето. Често се јавуваат и главоболки поради промената на времето. Телото не може да излезе брзо на крај со ваквите промени на должината на денот, на светлината и температурите. На телото, по правило, му се потребни една до две недели да се престрои, сѐ зависи од тоа колку студена и колку долга била зимата.

Дијагноза

Симптомите на вистинскиот пролетен замор вклучуваат замор, депресија, епизоди на зголемена плачливост, раздразливост, нарушување на концентрацијата, болки во различни делови на телото, нарушувања на сонот, загуба на либидото, намалено ниво на физичка активност, зголемена телесна тежина.
Како се утврдува вистинската причина за пролетниот умор? Како прво, задолжително е да се направи комплетна крвна слика и дополнителни испитувања врз основа на клиничката слика, на пр., хормони, антитела и др. Врз основа на тешкотиите што ги кажува пациентот, се продолжува ултразвучно испитување на штитната жлезда, јајчниците и др. По потреба се прави и електромиографско испитување (EMG) и евентуално скенер.
При присуство на други симптоми кои укажуваат на нарушено ниво на шеќер во крвта, треба да се направи оптоварување со глукоза, да се одреди нивото на шеќер во крвта и концентрација на гликолизираниот хемоглобин. За да се раздвои пролетниот замор од депресија, треба да се консултира психијатар.
Бидејќи нема специфични дијагностички тестови за докажување на пролетниот замор, треба да бидат направени испитувања со чија помош ќе бидат исклучени органски заболувања.

Што да се направи

Стручните лица советуваат првиот чекор при таква ситуација да е промена на исхраната. Да се јаде полесна храна, да се пијат здрави, хранливи напивки од овошје, зеленчук и билки. Одмор на свеж воздух е исто така многу потребен.
Физичката активност ќе го победи уморот со сигурност (возење велосипед, пешачење, планинарење…). Се препорачува туширање со млака вода и миризлива купка, за да се опуштат сетилата и да се поттикне циркулацијата.
И покрај зголемената телесна тежина за време на зимата, добро е да се знае дека пролетта не е соодветно време за многу нискокалорични диети, затоа што тие дополнително го слабеат имунолошки систем. За да се постигнне нормална тежина, треба да се ограничи внесот на маснотии и на шеќер и да се зголемиме физичката активност.

Kога заморот е всушност депресија?

Многу често се востановува дека пролетниот замор претставува пролетна депресија, која кај некои луѓе се повторува секоја година. Депресијата двојно повеќе се јавува кај жените отколку кај мажите. Чувствителни се и луѓето без најблиски и семејство, од пониските социјални слоеви, луѓе без работа, а, исто така, и претставници на некои професионални групи.
Пролетната депресија, како и пролетниот замор, може да бидат поврзани со друго заболување, кај кое, исто така, постои недостиг на воздух, чукање на срцето, благ замор, стегање во градите, вкочанетост на екстремитетите…

Сите годишни времиња го заморуваат телото

Нема само пролетта влијание врз човечкиот организам. И другите годишни времиња можат да го оптоварат телото. На пример – летото. „Температурите од 20 до 30 степени влијаат позитивно врз човечкиот организам, но кога температурите се приближуваат до висина на температурата на телото, тогаш тие претставуваат товар. Телото веќе не може добро да се лади. Последиците од тоа се движат од исцрпеност до сериозни болести и смрт.
Наесен се јавуваат слични предизвици како напролет. Телото мора повторно да се престрои, овојпат од топло на ладно. Тоа може повторно да биде причина за умор. Различните годишни времиња влијаат врз човекот, но во меѓувреме тоа влијание е сѐ помало, затоа што обичниот човек денес до 90 проценти од годината минува во затворени простории. Тоа значително го намалува влијанието на годишните времиња врз организамот.