Приведен Васе Доневски, ексдиректорот на СОЗР
Полицијата го привела Васе Доневски, поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Македонија.
Според неофицијални информации, Доневски е приведен од финансиска полиција и е на распит поради сомневања за злоупотреба на службена положба за времето додека бил директор на СОЗР. Од МВР нема засега официјална потврда за информацијата за приведување на Доневски, кој повеќе години раководеше со СОЗР. Неговото име се споменува и во некои од снимките од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ.
Доневски беше на чело на СОЗРМ до изборот на новата влада на СДСМ и ДУИ, по што беше разрешен од таа функција и на негово место дојде Пеце Мирчевски.
Преку СОЗРМ беа реализирани дел од објектите од проектот „Скопје 2014“, пред се изградбата на зградите покрај кејот на Вардар, како и реновирањето на зградата на Владата.
Од Управата за финансиска полиција најавија дека утре на прес-конференција директорот Арафат Муареми ќе презентира детали за целиот случај.
Мирчевски во неодамнешното гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат-М телевизија зборувајќи за одговорноста за пропустите на објектите во кои инвеститор била СОЗР, откри дека се водат истраги за претходното работење на службата.