Претседателските кандидати ќе потрошат 10 милиони евра


Секој од тројцата кандидати за претседател на државата ќе може да потроши максимум по 3.3 милиони евра во кампањата. Од буџетот на државата ќе му бидат платени сите трошоци за рекламирање во телевизиите, весниците и интернет-порталите, додека останатите трошоци за митинзи, билборди или изборен материјал ќе бидат обврска на кандидатите, односно партиите што ги поддржуваат.
Ова се новитетите од ланските измени во Изборниот законик што првпат ќе стапат на сцена на претседателските избори на 21 април, односно на 5 мај. Тие следуваа по договорот меѓу најголемите партии и имаа за цел да ги ограничат средствата што ќе се трошат во кампањите, како и да се намали корупцијата во медиумите. Но, општиот впечаток е дека и сега е оставен простор за огромни манипулации, пред сѐ кога е во прашање рекламирањето во медиумите и со тоа (зло)употребата на државните пари.
Имено, во членот 84 од Изборниот законик се наведува дека при „финансирањето на изборната кампања, учесникот во изборната кампања може да потроши најмногу до 110 денари по запишан избирач во изборната единица, односно општината за која има поднесено листа на кандидати, односно листа на кандидат во првиот и вториот круг на гласање“. Тоа конкретно за претседателските избори значи дека секој од кандидатите ќе може да смета на комплетната сума, бидејќи Гордана Силјановска – Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река атакуваат на секој од запишаните над 1.8 милиони  гласачи.
Изборното рекламирање во медиумите започнува на први април кога стартува официјалната тринеделна кампања. Издвоени се посебни буџетски средства за појавување на кандидатите во телевизијата, весниците, порталите и во радијата.
„Законот предвидува радиодифузерите да емитуваат дополнителни девет минути во реален час политички реклами, при што четири од нив се за партиите на власт, четири за опозицијата и по една за политичките партии во Собранието кои немаат пратеничка група, односно не се дел од парламентот“, велат од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ).
Весниците не влегуваат во регулативата на АВМУ, но тие имаа обврска да испратат ценовник до Државната изборна комисија (ДИК). И интернет-порталите сега добија задача да се пријават во ДИК доколку планираат да емитуваат политички реклами. Тие беа должни да достават барање за упис во регистар на електронски медиуми и тековна состојба издадена од Центрачен регистар не постара од шест месеци. Таквата обврска ја завршија 83 портали. Откако рекламирањето ќе почне, АВМУ ќе доставува извештај до ДИК во кое ќе го информира кој, каде и колку се рекламирал.
„Нарачателот на рекламите, како и медиумите со доставена фактура ќе докажат колку чинело огласувањето и на тој начин ќе се спречат евентуалните проневери“, објаснуваат во ДИК.
Во најголемите политички партии тврдат дека со ланските измени е направена законска рамка со која кампањата не смее да чини повеќе од предвидените 3.3 милиони евра согласно актуелниот избирачки спиок.
„Тоа не значи дека треба да бидат потрошени толку, туку дека не смее да се потрошат повеќе од толку. Притоа, државата ќе го плати политичкото рекламирање во медиумите, но не и другите активности. Пропагандата во медиумите е само една ставка од трошоците, останатите како митинзи или изборни материјали се обврска на партиите. Дали ги имаат тие средства, дали ќе ги соберат преку донации или ќе земат кредит е нивна грижа’, тврдат во најголемите партии во земјава.
Сепак, рекламирањето во медиумите што ќе падне на товар на државата е исклучително поволна опција за манипулација, особено кај кандидатите зад кои не стојат големи партии. Имено, не постои ограничување колку пари можат да се потрошат на рекламирање во медиуми што остава простор за сиви зони.
Од АВМУ реагираат дека во европската пракса постојат изолирани случаи за надоместување на трошоците на медиумите од државните буџети за време на избори. Но, тие важат само за медиуми на кои им се наметнуваат обврски за бесплатно политичко претставување на учесниците во изборите, во услови кога е забрането платеното политичко рекламирање.
„Тоа не е случај во нашата земја. Мешање во уредувачката слобода на медиумите е законското решение со кое учесниците во изборната кампања ќе ги изготвуваат медиа плановите за платено политичко рекламирање, наместо медиумите“, негодуваат во Агенцијата.

Горан Адамовски