Претседател
Лејла Сабит
Што ѝ треба на Македонија?
Мајка, татко, пријател, на сите граѓани или на избраните?
Дама, џентлмен, со панталони или со здолниште?
Со памет, со м…, или женско во душа?
Негуван, нашминкан во сите бои или става само кармин?
Со стил или не е важен изгледот?
Достапен или дистанциран, народен или елитен, љубезен или арогантен?
Авторитативен или попустлив, дипломат или патриот, на кој мед му тече од уста или саде глупости?
Постар или помлад?
Згоден или угледен?
Интелигентен, снаодлив, со диплома од државен или приватен универзитет?
Имотен, од средна класа, или со пари во офшор-банки?
Гледа во Европа или е заглавен на Балканот?
Го осудува или го поддржува криминалот?
Ве тера напред или ве враќа назад?
Битен му е имиџот или нема образ?
Оригинал или фалсификат?
Некогаш славните претседатели беа отмени, моќни, харизматични и шармантни, на кои им ги броеја љубовниците, лимузините, манекенките и актерските улоги.
Сега ги исмеваат во нивниот кабинет и во јавноста, им ги бројат гафовите, тигрите, отпуштените или протестите.
Во политиката како и во животот, се изненадувате од познатите и од непознатите кога најмалку очекувате.
Мајката станува маќеа, таткото – очув, а пријателот – непријател.
Веќе е антологиска репликата од филмот на Милчо Манчевски: Пукај, бе, братучед, пукај!
Македонија е на потег!