Преспа да не ги преплави реформите


Александра М. Митевска

Во јуни следната година, кога Европскиот совет ќе носи одлука околу датумот за преговори на ЕУ со Македонија, спроведувањето на договорот со Грција сигурно ќе биде најважниот, но не и единствениот аргумент за тоа дали земјава ќе исчекори уште едно скалило погоре во интеграцискиот процес.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан деновиве, веројатно, не случајно го потсети владиниот естаблишмент во Скопје дека во последните бриселски извештаи за земјава има и други критериуми чие спроведување не е можеби од првостепено значење во споредба со преспанскиот договор, ама е сепак неопходно за забрзување на евроатлантските перспективи на државата. Затоа и не случајно тие критериуми се наречени итни реформски приоритети. Тоа, пак, значи дека паралелно со решавањето на долгогодишниот билатерален спор за името, мора да се постигне и внатрешна стабилност, преку отстранување на системските слабости кои пред три години беа една од причините за избувнување на политичката криза во земјава. Поради таа криза и беше потпишан договорот од Пржино, а Рајнхард Прибе допатува во Македонија со својот експертски тим.

Од тој аспект, добро е што деновиве, пред стартот на расправата за уставни измени, на „Илинденска“ се сетија на Прибе и на неговите забелешки и сугестии. Во ред е и тоа што им текна на реформскиот план 18, кој уште летоска бомбастично го објавија, за потоа да падне во сенка на референдумот и политичките процеси што му претходеа на плебисцитарното изјаснување.

И изјавата на еврокомесарот Хан дека, доколку се интензивираат реформите, 2025 година е реална временска одредница за прием на нови членки во ЕУ од Балканот треба да значи поттик за македонските власти. Тоа треба да биде мотив паралелно со спроведувањето на договорот за името да се турка и спроведувањето на реформските процеси во правосудството, администрацијата, безбедносниот сектор и во борбата против корупцијата и организираниот криминал. Затоа што без создавање законска подолга за независна и професионална трета власт, вклучително со неопходното решавање на статусот на СЈО, без разузнавачки служби ослободени од политички влијанија, без рационализација и систематизација на јавниот сектор и без соодветни механизми за борба против корупцијата Македонија тешко дека ќе се вклопи во мотото на Хан – „квалитетот пред брзината“ – макар и договорот од Преспа да биде спроведен на најидеален можен начин.

Веројатно е во право вицепремиерот Бујар Османи кога вели дека основниот политички процес во изминатите месеци – за постигнување и спроведување на договорот од Преспа апсорбираше многу енергија во општеството и кај политичките елити, потиснувајќи ги во втор план другите важни обврски. Но, по толку вложени труд, енергија и политички кредибилитет и капацитет во надминувањето на билатералниот спор, би било апсурдно стратегиската цел на земјата да биде доведена во прашање пред самото финале – не поради односите со Грција, туку поради евентуално неисполнување на критериумите.

Сепак, охрабрувачка е најавата од Владата дека во наредниот период ќе го забрза максимално ритамот на спроведување на реформите, во споредба со бавното темпо во последните неколку месеци. Но, тоа забрзување треба да претставува и предизвик за опозицијата, од која повторно зависи не само двотретинското мнозинство за одредени закони, туку и оценката што Македонија ќе ја добие од ЕК за политичкиот дијалог во земјава.

Всушност, враќањето на реформската агенда на политичката сцена е добра можност за опозицијата да покаже дека навистина е само против договорот од Преспа и против уставните измени што произлегуваат од него. Но дека, и покрај тоа, останува на евроатлантскиот курс, со тоа што ќе асистира во донесувањето на реформските закони во делот на најважните политички критериуми што треба да ги исполни Македонија.