Потребна е поголема соработка со дијаспората


Неопходна е континуирана соработка меѓу македонските организации во дијаспората, македонските национални малцинства во соседните земји и невладиниот сектор со матичната држава-Република Македонија.

За оваа цел неодамна во Скопје се одржа трибина за зајакнување на комуникацијата и врските со македонската дијаспора, во организација на Центарот за информативна и логистичка поддршка на граѓаните „Нов контакт“- Македонија, кој постои веќе 10 години.

– Ние знаеме дека нашите иселеници не ќе можеме да ги вратиме назад, што е и јасно. Но, зајакнувајќи ја врската ќе им помогнеме нив и на државата. Нашето здружение е еден вид мост меѓу државата и нашите организации во странство, изјави претседателот на „Нов контакт“ – Македонија Златко Николовски.

Според нивното искуство, нашите иселеници најмногу се жалат за информираноста и за административните олеснувања кон нив.

Тој посочи дека државата во последниот период направила сериозен исчекор. Дијаспората првпат во 2011 година доби можност да има пратеници, но тој смета дека тие можеле нешто повеќе да направат.

Унапредување на правата и положбата на иселениците

Со проблемите на македонската дијаспора се занимаваат Министерството за надворешни работи-Сектор за следење на националните приоритети и Агенцијата за иселеништво. Во Владата на Република Македонија од 2017 година има министер без ресор задолжен за дијаспора.

Во Македонија во изминатите години не постоела стратегија за соработка и односи со дијаспората, што не е случај со државите од регионот и пошироко. Кон крајот на август 2017 година Владата донесе заклучок за формирање работна група која ќе работи на изработка на Национална стратегија за соработка со дијаспората. Таа е речиси финализирана и се очекува во текот на јуни годинава да влезе во владина процедура. Националната стратегија се базира на четири клучни столбови: политички и административни аспекти; дијаспората и економскиот развој; образование, наука и млади и културни врски, културен идентитет и културно наследство.

Агенцијата за иселеништво е орган на државната управа и има услужна дејност кон сите иселеници и иселенички организации, како и за оние лица кои имаат потекло од Република Македонија, без разлика на верска, национална, религиска, партиска припадност.

– Основната мисија на Агенцијата за иселеништво е поттикнување, помагање и одржување на националниот идентитет кај иселениците од Република Македонија, преку негување на мајчиниот јазик и култура во средините каде што живеат, како и интеграција во општествениот живот на Република Македонија преку нивно вклучување во јавниот и економскиот живот, продлабочување на комуникацијата на иселениците со матичната земја, изјави директорот на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија Никола Шалваринов. Тој ги охрабрува нашите иселеници да се обратат до Агенцијата и да соработуваат со нив.

Вероника Томова од Обединета македонска дијаспора (ОМД) од Вашингтон и директор на ОМД за Македонија и Балканот смета дека има од еден до 1,5 милијарда американски долари влезен влог во нашата држава од дијаспората. Според неа, потребно е поголемо структурирање за да се распределат тие инвестиции.

– Македонија е земја од која се одлева интелектуален капацитет или „одлив на мозоци“. Треба многу поголеми напори, проекти и да се инвестира во оваа област за да се вратат кадрите кои се огромна загуба за земјата бидејќи таа вложила во нив, ги образувала, ги лекувала и сега ги пуштила да придонесуваат во други општества, рече Томова.

Голема љубов за изучување на македонскиот јазик

Клари Зенделова, од Малме, вработена во Интернационалното здружени за жени, раскажува дека Македонците се интегрирани во општеството, а има и нови семејства кои се доселуваат, но немаат точен број колку Македонци има во Малме.

– Македонците во Шведска и Данска одамна се организирани зашто во средината на 60-тите години на минатиот век се иселиле од Македонија и веќе се раѓа четврта генерација. Во разни градови има македонски здруженија, имаме Македонски сојуз во Гетеборг, се негува македонскиот јазик, култура, идентитет. Се собираме преку различни активности – фолклор, фудбал, забави, се негуваат големите православни празници. Во Малме имаме изградено голема православна црква, вели Зенделова, која одлично зборува македонски јазик.

Според неа, во Малме има околу 100 деца што следат настава на македонски јазик. Имаат право на два часа неделно за изучување на македонскиот јазик во државните училишта, по редовната настава. Македонскиот се учи од прво одделение.

– Поради оваа настава имам научено да читам и пишувам на македонски јазик. Дома сме зборувале и ние сега зборуваме на македонски јазик со нашите деца, кои се веќе трета генерација. Многу е важно да се добиваат информации од Македонија, да бидеме упатени за сите прашања, за тоа што е актуелно. Сите се загрижени што се случува во Македонија, затоа што тоа има врска со сите нас што сме во дијаспората, изјави Зенделова.

Пред две-три години Зенделова на социјалната мрежа „фејсбук“ направила група „Македонци во Малме“ со цел да споделуваат информации, да се организираат за средби и сл.

– Многу труд е вложено во изучувањето на македонскиот јазик. Горди сме, родени сме во дијаспората, а, сепак, задржан е македонскиот јазик иако се изучува само два часа недело. Убаво е децата да си го знаат својот мајчин јазик и идентитет. Дијаспората да не се негира, да се поддржува, посочи Зенделова.

Анкица Манасиевска неполни десет години е професор по дополнителна настава по македонски јазик во франкофонското говорно подрачје во Швајцарија. Потсетувајќи се на почетоците на својата работа, таа вели дека тоа било на иницијатива од Асоцијацијата на родители кои сакаат да имаат наставник за своите деца.

– Некои од родителите сметаат дека доколку детето зборува на некој дијалект или доколку малку се разбира со своите родители, дека не му е потребен македонскиот јазик. … Сите Македонци, сите деца кои имаат родители Македонци не значи дека посетуваат настава по македонски јазик. Наша цел е да ги мотивираме што повеќе. Веќе две генерации се родени на тоа тло, а францускиот јазик им е мајчин јазик или роден. Македонскиот јазик се трудат да го зборуваат на часовите или во семејството, ако се поттикнати од родителите, вели Манасиевска.

Таа држи настава во шест градови и вели дека не го жали својот труд и своето изгубено време бидејќи прави по 1.500 километри месечно за да ја одржи наставата.

– Потребна е алка која ќе не спојува со Македонија. Преку моите ученици знам дека доаѓаат барем три до четири пати годишно во Македонија, за време на празниците. Затоа ги мотивирам моите ученици повеќе да контактираат со своите роднини, повеќе да зборуваат и да го изучуваат македонскиот јазик. Образованието е еден фундамент на Македонија и на дијаспората затоа треба да имаме координативно тело како што имаат другите иселеници, објасни Манасиевска.

Нашите иселеници и организации сметаат дека е потребно донесување Закон за дијаспора, да се отвори Министерство за дијаспора и да добиваат повеќе информации од својата матична земја.

Од петти април годинава почна да работи официјалната веб-страница www.diaspora.gov.mk, каде може да се добијат сите информации, соопштенија, најави, документи и активности кои се во интерес на нашите иселеници.