Постреферендумска политика на игнорирање на фактите


Ило Трајковски

Помина референдумот! Да живее референдумот! Во случајот со нашиот референдум како да се порекнува принципот по кој опстојуваат сите конфликтни општества или групи. Според тој принцип, добивката и радоста на некого е загуба и тага на другиот. Иако ние сме несомнено такво општество, изгледа како резултатите од референдумот да ги усреќија сите – власта, опозицијата, но и „третите“! Сите ги толкуваат резултатите како потврда на нивните политики во однос на договорот со Грција и, во врска со тоа, зачленувањето во ЕУ и НАТО. Се прашувам како е можно исти факти да предизвикаат радости истовремено кај повеќе, инаку луто спротивставени чинители?
Одговорот на ова прашање го наоѓам во дефиницијата на политиката која ја дава американскиот историчар и новинар Хенри Адамс од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Според него, практичната политика се состои во игнорирање на фактите. Тоа значи игнорирање на стварноста. Со цел да се оправдаат себеси и своите луѓе нашите водечки политичари прибегнуваат не само кон игнорирање на фактите, туку и кон нивно извртување – црното се направи бело, а белото црно.
Кои факти се игнорираат, односно се политизираат од страна на нашите политички елити? Најпрво, игнорирани се две бројчани реалности. Првата е бројот граѓани кои не излегоа на гласање, околу 1.140 000 или околу 63 отсто, а втората е бројот на граѓани кои излегоа на гласања, околу 666.000, и гласаа „за“. Опозицијата ја слави првата бројка, а ја игнорира втората, а власта ја воздига важноста на бројка на гласачи кои ја поддржаа владината политика, а ја игнорира важноста на бројката на оние кои не излегоа на гласање – поради бојкот или поради незаинтересираност. И едната и другата би да ќарат од секоја од овие бројки, но земени поединечно. А, ни едната ни другата немаат смисла одвоено!
Опозицијата го нагласува фактот дека бројот неизлезени е речиси двапати поголем од бројот на излезени. Притоа го игнорира сознанието кое им е јасно и на почетници во политичката анализа дека не повеќе од една третина (околу 400.000) од негласачите се построени под знамето на ВМРО-ДПМНЕ. Втората третина се регрутира главно од неопределените, од помалите етички заедници и апатичните, а третата третина ја чинат главно иселените. Власта, пак, истакнува дека граѓаните кои сакале да гласаат можеле да го направат тоа без пречка и дека во демократијата одлучуваат оние кои гласаат. И толку!
Опозициската логика е формално правна: уставот пропишува цензус од минимум 50 отсто излезеност за успешен референдум. Во конкретниот случај, бидејќи излезеноста е околу 37 отсто, значи дека референдумот е неуспешен и дека нема одлука за референдумското прашање. Обратно, за власта и нејзините гласноговорници референдумот е успешен и одлуката е донесена бидејќи огромното мнозинство (над 91 отсто) од оние што излегле на гласање ја поддржале нејзината политика.
И едната и другата страна, освен што ги игнорираат бројчаните факти кои не им одат во прилог, ја игнорираат вистинската причина која ги генерира споменатите проблематични бројки – сознанието дека проблемите со избирачкиот список и со пропишаниот референдумски цензус беа познати уште во моментот на распишување на референдумот, а и многу пред тоа. Тука треба да се бара применливоста и важноста на споменатата Адамсовата дефиниција на политиката. И едните и другите кон овие одамна констатирани проблеми со избирачкиот список и со прописите се однесуваат калкулантски. Во нив гледаа и се уште гледаат поволна шанса за манипулација во полза на сопствената партија. На ист начин се третираат и одамна констатираните проблеми со правосудниот систем и со начинот на функционирање на јавната администрација и јавниот сектор во целина. Проблемите се знаат, но се игнорираат бидејќи тие како такви се погодни прекривки за прикривање на сопствените слабости и за искористувањето на јавните ресурси. Цената за тоа секогаш ја плаќа нацијата, со сè поголема и поголема фрустрација поради отсуството на вистинска промена на подобро.
Изминаа петнаесет месеци откако сегашната власт ја презеде номиналната контрола на државата и јавните институции, воопшто. Но не направи многу да ги придвижи работите во насока на европеизација на секојдневното функционирање. Напротив. Многу примери покажуваат дека и таа лесно посегна по ‘ѓаволштините’ со кои се служеше претходната корумпирана и страховладејачка власт. На пример, форсирањето на уставно и законски проблематична постапка околу потпишувањето и ратификацијата на договорот со Грција и во врска со тоа водењето тајна дипломатија, формулирањето на три во едно референдумско прашање или последниот пример на вртоглаво зголемување на излезеноста во некои гласачки места и слично. Но кој со ѓаволот тикви сади, од глава си ги чука.
Како последица на тоа, ден-два по референдумот земјата завлегува во нова политичка криза со најави за нејзино продлабочување. Опозицискиот лидер не престанува да им се додворува на најрадикалните македонски етнонационалистички кругови кои отворено и без последици им се закануваат на граѓани и пратеници. На друга страна ни едно од сценаријата кои ги најави премиерот нема да поминат без повторување на веќе познатите криминални, коруптивни и клиентелистички шеми и аранжмани. Првото посакувано сценарио што се состои од пренесување на судбината на договорот со Грција во парламентот може да се постигне само со уцени и купување на податливи пратеници. Добро упатство за тоа како се изведуваат вакви операции за обезбедување парламентарна поддршка од противничкиот камп наоѓаме во сведочењата на Љупчо Георгиевски како поранешен премиер. Второто сценарио со свикување предвремени парламентарни избори најдобро го разработи Никола Груевски. Со постојниот избирачки список и при референдумски потврдениот однос на силите, предвремените избори би биле повторување на резултатите од последните парламентарни избори, ако не и зајакнување на позициите на етнонационалистичките сили.
По референдумот македонската нација е расцепена на две како никогаш до сега. Затоа, воинствените повици кон т.н. „прогресивна Македонија“, како што ја нарекува еден, или „евро Македонија“ според друг, за политички да ја прегази т.н. ретроградна Македонија или Македонија на оној „неук, слаб и несовршен човек (член на ВМРО-ДПМНЕ)“ не се ништо друго туку политикантски игнорирања на фактот дека силите се прилично изедначени. Во таква ситуација единствено разумна политиката е отворање на очите и враќање на левиот исчекор назад кон десниот и потоа скок напред со двете нозе. Бидејќи без консензус не е можно одржливо решение за нашиот клучен национален проблем.