Пимен „Јуда“ – Агатангел „Буда“


Бричење на суво на македонскиот Јуда. Салва од вакви и слични закани, клетви и навреди беа упатени кон владиката Пимен само затоа што се дрзна да се вклучи во кампањата „Излези за европска Македонија“. Неговите пораки во видеообраќање: „во овие историски моменти за земјата потребно е секој секому да подаде рака, да се надминат кавгите и разликите и да се обединиме во идејата за европска иднина“, предизвикаа бескрупулозни реакции, кои ја покажуваат сета траума во општеството во кое личниот став не претставува никаква светост, а количеството омраза е толкаво што може и да се допре.

Ваквите удари под појас на Пимен не му се непознати. Како еден од уривачите на табуата во најконзервативните коридори на Македонската православна црква, Пимен во екот на „Шарената револуција“ апелираше на граѓанска одговорност. Порача дека е дојдено време да ја напуштиме погубната максима или стил на живеење „наведната глава сабја не сече“ и, напротив, да се оди со крената глава и да победи вистината. Тоа беше доволно одредени личности и структури да го стават на столбот на срамот. Но, и тогаш и сега, Пимен возвраќа смирено.

„Кога јавно ќе искажеш став (правилен или погрешен ќе покаже историјата, а дотогаш бадијала се кршат копјата), свесен си дека право на свој став имаат сите луѓе што живеат во демократското општество. Очекуваш и дека ќе има и мајки и шајки и дискредитации и исмевања и лутења и плукања“, вели Пимен.

Додуша очекува и малку поаргументирани ставови во таа борба на мислење, ама сфаќа дека првин се учи домашна култура, па потоа демократија. Во некој стадиум на демократијата се раѓа и патриотизам (да си ги сакаш татковината и твоите по род). И избираш Стар или Нов завет за да одговориш со око или со образ. И, нормално, им посакуваш. Бидете ми живи и здрави“, вели Пимен.

Случајот со Пимен, според познавачите, е само уште еден доказ дека не успеавме како општество да изградиме култура на почитување на личните права на луѓето во заедницата. Да се почитува и овозможува, како што велат, слобода на совеста и заемно уважување. Наместо тоа ни се случуваат етноцентрични фанатични тенденции.

Во самата МПЦ-ОА има разногласие во однос на претстојниот референдум. Колегата на Пимен во Синодот, владиката и повардарски митрополит Агатангел, на пример, до сите верници од епархијата што ја води испрати послание и ги повика на 23 септември, една недела пред референдумот, во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Велес сите заедно да се помолат за зачувување на името, идентитетот, јазикот.

„Се доведовме во една парадоксална ситуација. Она од што се срамела претходната генерација, за човекот на нашево време станува доблест и неминовна вистина“, пишува владиката и повикува на бојкот на, како што вели, лажниот и наместен референдум.

Наспроти различните ставови на владиците, Синодот на МПЦ-ОА одлучи да им остави на граѓаните сами да решат, по свое уверување, како ќе го остварат демократското право на избор.

„Одлуката на Синодот секој да си го каже своето мислење без да се меша и директно да сугерира е во ред. Не е спорно за мене ниту член на Синодот да има свој личен став и тој да го искаже преку видеоспот како владиката Пимен во случајов. Личниот став мора да се почитува. Но спорно е во рамките на литургија, црковен збор, проповед да се врши политичка агитација, како што тоа го прави владиката Агатангел“, вели професорот по социологија на религија Зоран Матевски нагласувајќи дека во демократско општество едно од основните права е правото на слобода на изразување.

Идејата за институционално одвојување на верското (духовното) од она што е државно и што припаѓа на јавните работи е базичен принцип на модерна држава, затоа што тој ја штити како државата и општеството, така и црквата. Мешањето на верата во државната политика по правило не носи позитивни ефекти. Меѓутоа, видливо е како религијата и политиката се поклопуваат. Синодот, како што деновиве коментираа црковните аналитичари, досега го поддржа договорот со Бугарија и не реагираше против договорот со Грција. МПЦ чека признавање на автокефалност од Вселенската патријаршија, а услов за тоа е референдумот да биде успешен. Значи, црковниот врв, и тоа како е заинтересиран тој да успее.

„Црквата е одвоена од државата според Уставот. Но тоа е мит, не е стварност. Сведоци сме на целосно преклопување на црковно-религиската елита со политичката елита. МПЦ е раноапостолска црква, една од неколкуте такви, и таа има огромно влијание врз општеството. Слично е во Србија, Грција, Хрватска…“, вели Матевски.

Според него последните изливи на омраза упатени кон владиката Пимен се само последица на длабоките поделби што ги создала демохристијанската партија ВМРО-ДПМНЕ во последната декада.

„Таа прокламираше христијански вредности, како, да речеме, многудетни семејства, и ги продаваше низ спотови како стока на пазарот. Од друга страна, ги поделија граѓаните по најразлични културолошки, етнички, религиозни линии. Ги поделија на верници и атеисти, на патриоти и предавници. Тоа, впрочем, е карактеристика на политичката десница и во Европа. Преплавени сме од пораки дека веќе нема простор за толеранција. Сега левицата, парадоксално, повеќе нè доближува до раното христајанство“, вели Матевски.

Покрај пораките да ја симне свештеничката мантија, Пимен доби и поддршка од јавноста. Стојанче Ангелов од Достоинство побара да им прости бидејќи не знаат што прават.

„Повеќето. Помалкуте добро знаат што и зошто прават. Затоа има толку нечовечни написи и коментари против тебе. Јас едно верувам и знам дека пред Бога и пред твојата совест си чист. Чист како детска солза“, напиша Ангелов.

Наум Котевски