Патот до Водно e полесен без партиска книшка


Со сосема различни профили на претседателски кандидати, двете водечки партии од власта и од опозицијата ќе си ги измерат силите на претстојните избори, чиј прв круг ќе се одржи на 21 април. Откако обезбедија предност во внатрепартиските битки, Гордана Силјановска и Стево Пендаровски влегуваат во меѓусебен дуел за претседателскиот трон. Освен што се правници по вокација и што немаат партиски книшки, меѓу нив речиси да не може да се најде друга допирна точка, што е и разбирливо, бидејќи настапуваат како претставници на политички табори со дијаметрално спротивни погледи по многу актуелни прашања.
Разликата во ставовите на претседателските кандидати стана уште поочигледна за време на викендот. Пендаровски, во првиот свој говор како кандидат за претседател, оцени дека договорот со Грција е едно од двете чуда што ги постигнала актуелната власт, покрај уривањето на „режимот“, а кои сами по себе се доволни да бидат запаметени во историјата. Речиси во исто време, Силјановска им порача на жените од ВМРО-ДПМНЕ дека Преспанскиот договор е штетен за државата и дека го загрозува македонскиот идентитет.
Силјановска сите овие години градеше универзитетска кариера како професорка на Правниот факултет во Скопје, со исклучок на неколку „излети“ на политичката сцена, како кога беше министерка во една од владите на Бранко Црвенковски или кога, преку граѓанскиот сектор, се вклучи активно во референдумот во 2004 година против новата територијална организација. Пендаровски, пак, во изминатите околу две децении, главно ја градеше професионалната кариера во непосредна близина на центрите на власт, но речиси секогаш на пристојна дистанца од дневната политика. Беше портпарол во МВР, па советник за надворешна политика и за национална безбедност во претседателските кабинети на Борис Трајковски и на Црвенковски, а во меѓувреме и претседател на ДИК – за време на претседателските избори и референдумот во 2004 година, како и на локалните избори една година потоа. Сè додека и тој не замина на кратко време во академската фела, по завршувањето на претседателскиот мандат на Црвенковски, за брзо потоа да се појави на голема врата на политичката сцена: во 2014 година како претседателски кандидат кој, и покрај претрпениот пораз од Ѓорге Иванов, освои респектибилен број гласови, како и симпатии кај албанската етничка заедница, што беше предност при утврдувањето на консензуалниот кандидат на СДСМ и на ДУИ за претстојните избори. Во меѓувреме, Пендаровски беше и носител на листата на СДСМ во првата (и најатрактивна) изборна единица на парламентарните избори во 2016 година, по што до средината на минатата година остана пратеник во Собранието, за потоа да биде именуван за национален координатор за НАТО во Владата.

И Силјановска и Пендаровски влегоа во претседателската трка победувајќи во внатрепартиските „битки“ над помладите ама партиски поискалени и поетаблирани лица. Делегатите на ВМРО-ДПМНЕ ѝ дадоа предност на Силјановска пред долгогодишниот пратеник Владимир Ѓорчев, додека врвот на СДСМ процени дека е посоодветно да излезе и на овие изборите со понеутрално решение, отколку со партиски „тешкаши“ како вицепремиерите Радмила Шекеринска или Оливер Спасовски, поранешен генерален секретар на партијата. Причината за „елиминацијата“ на партиските кадри од претседателската трка универзитетскиот професор и поранешен министер Никола Поповски ја гледа во, како што оценува, лошото владеење на партиите со Македонија во последните петнаесетина години.


Од аспект на профилот на кандидатите, досегашните изборни циклуси за шеф на државата може да се поделат во две фази, при што како своевиден меѓник се наметнува промената на адресата на претседателската резиденција – односно нејзината преселба од Собранието на Водно, каде што прв се всели актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов во 2009 година. Тоа беа и први избори на кои цензусот за избор на претседател беше намален од 50 на 40 проценти во вториот круг, откако на вонредните претседателски избори во 2004 година се виде дека е реална опасноста да не биде избран претседател. Високите прагови за избор на шеф на државата, веројатно, се и една од причините поради кои партиите во последните три изборни циклуси преферираат непартиски кандидати ценејќи дека со тоа може да се мобилизира поголем дел од неопределеното гласачко тело.
Така, за разлика од автентичните партиски решенија во првите три изборни циклуси (Киро Глигоров и Љубиша Георгиевски во 1994; Тито Петковски и Борис Трајковски во 1999 и Бранко Црвенковски и Сашко Кедев во 2004), во 2009 година имавме професорски дуел, што продолжи како пракса и во 2014 и сега во 2019 година. Иванов го доби првиот мандат во дуел со својот колега од Правниот факултет Љубомир Фрчковски како кандидат на СДСМ. Тоа, всушност, беа избори со најмногу кандидати, така што сите други учесници (Имер Селмани од Нова демократија, Љубе Бошкоски, кој беше тогаш независен кандидат, Мируше Хоџа од ДПА и Агрон Буџаку од ДУИ) беа поистурени партиски играчи во тој момент од двајцата главни ривали кои влегоа во вториот круг. „Професорски дуел“ се повтори и во 2014 година, кога во првиот изборен круг имаше уште двајца учесници – Илијаз Халими од ДПА и Зоран Поповски од ГРОМ. Претстојните избори, пак, според најавите досега, би можеле да се сведат на само тројца кандидати – сите професори – Силјановска, Пендаровски и Блерим Река, кој е професор на Штуловиот универзитет, како заеднички кандидат на Беса и на Алијансата за Албанците.

Александра М. Митевска