Партијата на Харадинај нема да учествува на собраниската седница свикана од опозицијата


Пратениците на Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот Рамуш Харадинај нема да учествуваат на седницата на Собранието свикана на барање на опозициските партии на која ќе се расправа за нивната резолуција со која ќе се забрани преговарањето за границите на државата.

Ставот на ААК попладнево го соопшти пратеничката на оваа владејачка партија Тиме Кадријај, која порача дека оваа одлука е одговор на однесувањето на опозицијата во однос на претходната седница свикана на барање на премиерот за именување владин тим за преговорите со Србија.

– Нема логика да учествуваме на седницата свикана од опозицијата, кога опозицијата не учествува на седницата свикана од Владата за владиниот тим за преговори со Србија, изјави Кадријај. Таа ја обвини опозицијата дека со своето однесување е на иста линија со Српската листа, која работи по директиви од Белград, и дека носи одлуки на штета на Косово.

Во косовското Собрание во текот на вчерашниот и денешниот ден пропаднаа неколку обиди за продолжување на седницата започната на барање на премиерот Харадинај вчера претпладне.

Седницата, пак, на барање на опозицијата, која требаше да започне вчера во 10 часот наутро, а на која треба да се изгласа резолуција со која на претседателот на државата Хашим Тачи ќе му се забрани да води било какви преговори за прекројување на границите, односно за размена на територии со Србија, воопшто не ни започна.

Опозицијата го обвини собранискиот спикер Кадри Весели дека со тоа што го онвозможува одржувањето на нивната веќе закажана седница, го крши Уставот и деловникот на Собранието и му помага на Тачи во намерата за пазарење со територијата на Косово.