Пари за пензии ќе има, па дури и вишок


Идните пензионери не треба да стравуваат од крах на пензискиот систем. Пари ќе има за исплата на пензии и без да се зголемат старосната граница за пензионирање и процентот на придонеси. И без да се направат реформи во пензискиот систем, тој ќе може сам да се одржува и да создава дури и вишоци.

Ова го покажува анализата за одржливост на пензискиот систем што ја направи Центарот за економски анализи (ЦЕА), според која земјава не се соочува со сериозни проблеми во пензискиот систем, како што предвидува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Според професорот Мирољуб Шукаров од Универзитетот на Југоисточна Европа, доколку сите трендови во однос на вработеност, број на пензионери, висина на плати и пензии, економски раст, демографски тенденции останат непроменети до 2030 година, Пензискиот фонд би генерирал вишок од околу 130 милиони евра годишно.

– Пресметките покажуваат дека стабилизирање на Пензискиот фонд може да се очекува во 2027 година кога прелевањето пари од буџетот во Фондот ќе се сведе на нула, а потоа постепено и ќе се создаваат вишоци во пензиската каса бидејќи бројот на пензионери во првиот пензиски столб ќе се намалува – потенцираше професорот Шукаров.

Според него, треба да се размислува што ќе се случува со Пензискиот фонд кога тој во 2025 ќе почне да создава вишоци.

– Државата нема да има потреба да издвојува пари за полнење на пензискиот буџет. Треба да се размислува дали Фондот ќе се продава или да се формира посебен инвестициски фонд кој ќе ги инвестира парите што ќе бидат вишок – потенцираше Шукаров.
Според неговата анализа, нема потреба да се зголемува старосната граница за пензионирање, а исто така отпаѓа идејата да се зголеми процентот на придонеси.

– Единствено решение според мене е да се најдат инструменти и мерки како да се забрза растот на економијата, да се субвенционираат инвестициите, да се отвори директно и банкарскиот сектор со поголеми пласмани кон бизнисот – вели Шукаров.
Професорот смета дека политичарите сега треба да најдат начини да го зголемат растот на економијата до 5 отсто во наредните години за да не размислуваат какви мерки да преземаат во однос на подобрување на состојбата на пензискиот фонд бидејќи таков раст на економијата значи и целосно решавање на проблемот.

Анализата на ЦЕА покажува дека дефицитот на Пензискиот фонд е последица на бавното отворање на нови работни места. Односно Македонија не се соочува со стареењето на населението, како што се соочуваат другите земји во регионот. Така што зголемувањето на старосната граница за пензионирање не е одговор на проблемот за одржување на пензискиот систем
– Високата стапка на невработеност и ниската стапка на отворање на нови работни места негативно влијаат врз приходите на фондот – истакна Ивана Велковска од ЦЕА.

Според неа, потребна е евалуација на постоечките политики кои предвидуваат намалување на стапката на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување како една од мерките за зголемување на вработеноста, така и на платите во Македонија бидејќи ваквата досегашна политика не ги оствари целите и го направи пензискиот систем неодржлив.

Едно од решенијата за намалување на дефицитот во пензискиот фонд, според неа, е да се зголеми бројот на осигуреници.
Маријан Николов, директор на ЦЕА, смета дека дефицитот во ПИОМ, кој е актуелен последните години, не е толку последица на неповолните демографски движења колку на системски проблеми.
Според него, ако Владата сака да ја подобри стапката на вработеност, не треба да користи мерки за субвенционирање на долг период бидејќи ефектите на пензискиот фонд се неповолни.

Александра Спасевска