Општина Аеродром ќе донира 300.000 денари на Центарот за сензорна терапија


Општина Аеродром ќе издвои 300.000 денари од својот буџет за стручни лица кои ќе работат во втора смена во Центарот за сензорна терапија „Во мојот Свет“.

Ова денеска го соопшти градоначалникот на Аеродром, Златко Марин кој заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и амбасадорот на Република Бугарија, Н.Е Иван Петков го одбележаа почетокот на проектот за ран третман и терапија на деца со аутистичен спектар на нарушување од социјално загрозени семејства.

Практично, Општина Аеродром ќе им овозможи на децата од социјално загрозените семејства бесплатно да го посетуваат центарот за сензорна терапија. За таа цел Општината потпиша Меморандум за соработка со здружението „Во мојот свет“. Инаку, Центарот беше отворен лани, под покровителство на сопругата на претседателот Ѓорѓе Иванов, Маја Иванова, а со финансиска помош на Амбасадата на Република Бугарија во Македонија.