Новиот Закон за енергетика ќе донесе поголема конкурентност во секторот


Изработката на новиот закон за енергетика е во фокусот на економскиот сектор на Владата. Со новиот закон, велат, се обезбедува конкурентност во енергетиката и слобода граѓаните да одберат од кој снабдувач ќе се снабдуваат со енергенси, а се елиминира и конфликтот на интереси, како и заканата од санкции за земјава заради неспроведувањето на третиот енергетски пакет од европската легислатива.

Со измените на Законот се елиминира заканата од Советот на министри за санкции, бидејќи поранешната влада не го испочитува рокот до 2016 година да го имплементира третиот енергетски пакет, односно да го либерализира пазарот. Заради неспроведување на преземените обврски од Договорот за воспоставуаање на Енергетската заедница против земјава се отворија две постапки. Првата заради кратењето на правото на избор на граѓаните, а втората за неспроведување на третиот енергетски пакет од европското законодавство. Со подготовката на новиот закон за енергетика овие две тужби ќе бидат елиминирани.

Новата влада доби рок до крајот на јуни 2018 година да ги донесе измените на законот. Се очекува законот наскоро да ја помине владината процедура и да биде пратен во Собранието, каде, според најавите, во редовна постапка ќе биде донесен до март. Потоа има период од девет месеци за донесување на сите подзаконски акти и од почетокот на 2019 година треба да следи целосната либерализација на енергетскиот сектор во земјава.

Со донесување на новиот закон за енергетика граѓаните ќе имаат избор било кој енергенс да го добијат на слободниот пазар од било кој снабдувач во Македонија, а за оние кои нема да се одлучат да излезат на пазарот на јавен тендер ќе се избере универзален снабдувач кој ќе има договор од пет години. Регулирано ќе биде само користењето на инфраструктурата, гасоводите, далекуводите и дистрибутивната мрежа.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека новиот предлог-закон за енергетика е резултат на европското искуство  во енергетиката во последните 50 години и дека ќе спречи повторно да се прават грешките што се направени. Предлог-законот, нагласува, е изработен и усогласен со Енергетската заедница (ЕЗ) и со европските директиви во областа на енергетиката.

– Со новиот закон за енергетика граѓаните ќе имаат избор за било кој енергенс да бидат снабдени од било кој снабдувач што ќе биде регистриран  во земјава без разлика дали станува збор за нафта, гас, електрична енергија или било кој друг енергенс. Законот ќе обезбеди поголема конкурентност во снабдувањето на сите енергенси, а со тоа и пониски цени и ќе ја спречи комоцијата во енергетските компании да пријавуваат трошоци кои некој ќе ги прифаќа, а ќе ги плаќаат сите граѓани, порачува Анѓушев и прецизира дека пред се нема да има комоција во ЕЛЕМ што ќе мора да работи на слободниот пазар и да биде попродуктивен и повеќе да произведува.

Тој истакнува дека со измените на Законот ќе се надминат конфликтните интереси во делот на гас и електрична енергија и ќе бидат задоволени сите  директиви од третиот пакет на ЕУ.

Макпетрол и Владата, како што прецизира, ќе мора да најдат решение за гасоводот, бидејќи со измените на Законот е предвидено операторот на гасоводот и дистрибутерот на гас да имаат различен сопственик. Според најавите, Макпетрол се одлучил да биде дистрибутер на гас и затоа ќе мора да се откаже од ГАМА и да го продаде својот дел од гасоводот, а ГАМА и МЕР да се здружат во едно претпријатије кое ќе биде оператор на гасоводот.

Иако со законот е предвидено ЕЛЕМ и МЕПСО да имаат различен сопственик, компаниите, според Анѓушев,  нема да се приватизираат и долгорочно ќе останат во сопственост на државата, само различни сектори на Владата ќе бидат одговорни за нив. За ЕЛЕМ и натаму ќе биде одговорно Министерството за економија, а со измените МЕПСО ќе биде под ингеренции на Министерството за транспорт и врски.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека Македонија со донесување на измените на Законот за енергетика ќе ги анулира двете тужби што ги имаше за неносење на измените во 2014 година како што и беше наложено на претходната влада. Неносењето, како што потенцира, за земјава ќе значеше и неможност за пристап и користење средства од ИПА и ИПАРД, европските фондови.

– Со новиот предлог-закон успеавме да обезбедиме усогласување на националното законодавство со третиот пакет на енергетски мерки на ЕУ, а со тоа ги исполнивме и обврските преземени со Договорот со ЕЗ, вели Бектеши и додава дека предлогот нуди европски решенија во енергетскиот  сектор и е целосно хармонизиран со ЕУ регулативите.

Со новиот закон, потенцира, на граѓаните им го враќаме правото на избор да одберат од кого ќе се снабдуваат со енергенси, а тоа значи крај на досегашниот монопол и конкурентни цени.

– Со донесување на новиот закон за енергетика сите граѓани ќе имаат право да одберат од кого ќе се снабдуваат со електрична енергија. Отворањето на пазарот ќе значи можност за избор, а со тоа и поконкурентни цени. Затоа како Влада гарантираме дека цената на струјата нема да се зголеми, потенцира Бектеши.

Според него, со изработката на новиот закон за енергетика се покажува волја и капацитет да се откочат задоцнетите реформски процеси во енергетскиот сектор во Македонија.

Во новиот закон за енергетика, велат од Владата, ќе се реши и проблемот со домаќинствата кои се исклучени од централното греење во Скопје, а плаќаат паушал.

– Во подзаконските акти на законот за енергетика што ќе се воведе во текот на 2018 година се предвидени специфични решенија, со кои во рамките на законската регулатива ќе се реши оваа наследена ситуација, велат од Владата.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ) Јанез Копач порачува дека новиот закон за енергетика ќе биде поефикасен и насочен кон потрошувачите и додава дека по неговото донесување Македонија ќе треба да се насочи кон носење закон за енергетска ефикасност, област во која, како што вели, прилично заостанува.

Според него, регулаторот ќе биде најважната институција која треба да го создаде слободниот пазар и затоа препорачува да и се дозволи сама да го носи финансискиот план.