Не стивнуваат реакциите во јавноста:Универзитетски професори бараат да се преиспита двојното оданочување


По програмерите, финансиските аналитичари, хонорарците, земјоделцитe сега и универзитетските професори остро реагираат на обврската за остварените годишни персонални доходи надвор од редовен работен однос што се повисоки од еден милион денари да се регистрираат во УЈП и да плаќаат ДДВ.
Велат, не е логично да плаќаат ДДВ кога тие редовно одат на работа во институција од која за одреден број на часови добиваат плата , а за останатите обврски од институцијата се ангажирани со авторски договор, па мора да платат данок. Според нив тоа не е дополнителна работа затоа што е во рамките на нивните секојдневна работа.

-Тоа е моја редовна работа. За едни часови, на пример за прв степен додипломски студии добивам плата, затоа што нашите професорски плати се замрзнати од многу одамна. А, за часовите на магистарски студии кои ми се дел од истата матична институција мора да ми дадат хонорар. Но, тие часови не се вршење на стопанска дејност туку се дел од моиоте редовни секојдневни активности на факутетот. Не може јас да бидам ДДВ обврзник во институција која самата не е ДДВ обврзник, вели универзитетскиот професор Борче Давитковски.

Тој потенцира дека прво мора да се разграничи што е стопанска дејност, па потоа да се бараат такви обврски од даночните обврзници.
-Јас немам куќа на Водно и не давам простор под кирија. И да вршам промет јас имам часови кои се дел од моите редовни работни обврски, вели Давитковски.
Тој исто така алармира на неправедноста на даночниот систем според кој за ваков вид на интелектуална работа не може да се направи поврат на ДДВ затоа што ресурсите кои се користат се во сопственост на самиот универзитет.

Одлуката на Владата доследно да го спроведува Законот за ДДВ донесен од претходната во 2016 година веќе две недели ја разбранува јавноста. Претходно, висината на приходите беше поставена на границата од над 2 милиони денари. И покрај тоа што владата се уште не донела одлука дали ќе се покачи прагот со кој физичките лица стануваат ДДВ обврзници од еден на два милиони денари, за вицепремиерот Кочо Анѓушев е во ред да се зголеми границата, но смета дека на крај одлуката треба да ја донесе Министерството за финансии.

-Не се случува ништо различно од она што се случувало претходно. Јас лично сум ДДВ обврзник веќе три години и плаќам ДДВ, но тоа не значи дека не треба да се размислува во насока да се подобри тој механизам и да не се оштетуваат пониските категории плаќачи. Затоа мислам дека би требало да се зголеми прагот, но тоа сепак е во ингеренции на Министерството за финансии и јас лично во тој процес немам учество, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Според сегашниот Закон, секој кој минатата година зарботил над еден милион денари годишно или 16.200 евра, што месечно изнесува 1.400 евра, а се вештаци, стечајни управници, заработуваат од наемнини, авторски договори, договори на дело и од земјоделска дејност има обврска да се регистрира како ДДВ обврзник. Со тоа за остварениот приход освен персонален данок на доход плаќа и ДДВ. Ова прашање се актуелизираше пред две недели кога УЈП ги повика физичките лица кои оствариле промет над еден милион денари да се регистрираат како ДДВ обврзници. Од таму сè уште нема информација дали ќе се казнуваат оние кои не ја испочитувале оваа законска обврска.

Од Министерството за финансии нема информација дали се размислува за промена на прагот за оданочување. Владата не ја исклучува можноста од корекции, но тврдат дека сакаат да ги слушнат сите мислења пред да донесат решение.
– Владата ги зема предвид сите мислења на експертската и пошироката јавност, особено кога постојат прашања за кои има различни мислења. Владата прави анализа врз основа на ставовите на различни засегнати страни и при носење на одлуките секогаш се води примарно од интересот на граѓаните на Македонија – велат од Владата.

Законот предвидува глоба од 120 до 180 евра за даночните обврзници кои обврската ќе ја исполнат по истекот на пропишаниот рок, а доколку воопшто не се поднесе пријава, казните стигаат и до 375 евра.
Александра Спасевска