Нека се помират и за 19 октомври
Александра М. Митевска
За една држава, која се стреми кон членство во ЕУ и во НАТО, поразителен е податокот дека две третини од народните избраници се под полициска заштита на неодредено време поради гласање „за“ пристапување кон уставни измени чија финална цел е забрзување на процесот на евроатлантско интегрирање на земјата.
Којзнае дали „бранителите“ на Уставот, поради чија „одбрана“ пратениците се под мерки на безбедност, се свесни дека самите тие погазуваат еден од суштинските уставни принципи во делот на законодавната власт, според кој, пратеникот одлучува по свое уверување. Членот 62, став 2, кој е всушност универзална норма на парламентаризмот, не бил досега цел на можна промена ниту, пак, би требало да биде некогаш. Освен ако не ѝ се „посреќи“ на земјава власта да ја освои некоја политичка гарнитура со минимум свест за демократија и со доволно мнозинство за да истурка една таква „анахрона новина“ што пратениците и формално-правно би ги претворила во слепи и глуви послушници на партиските врхушки. Токму од тој аспект, застрашувачка е климата на линч и стигматизација што се создава поради изјаснувањето на 80 наспроти 39 пратеници, независно дали нивното гласање се совпаѓа или не со ставовите на раководствата на партиите што ги кандидирале на изборите.
Затоа сега, откако процесот на промена на Уставот, сепак, почна да се придвижува, подготовката на амандманите, согласно со договорот од Грција, не е единствената важна работа што треба да биде завршена без фалинки. Паралелно со пишувањето на амандманите треба да тече и процес на релаксирање на политичката атмосфера во државата и на смирување на тензиите, кои онаа критична петочна вечер можеа да предизвикаат нова експлозија во парламентот, наспроти недообјаснетиот и недоразјаснет план на премиерот Зоран Заев за „помирување и простување“ – за крвавиот четврток пред една и пол година.
Што и да сакаше да каже Заев кога повика на помирување од собраниската говорница, јасно е дека помирувањето меѓу пратениците засега е делумно завршена работа. Ако може воопшто да се смета за помирување, тоа што на тројца од парламентарците обвинети за настаните на 27 април, непосредно пред гласањето на 19 октомври, им беа отворени вратите за излегување од домашен притвор. Всушност, тој чин на помирување отвори нови конфликти – на друго ниво во парламентот, но и во политичката арена.
Сега, откако се обезбеди јасно изразена политичка волја во законодавниот дом за влегување во процедура за уставни измени, нема да биде на одмет процесот на помирување да се прошири и на 19 октомври. Затоа што тој датум, освен поради заканите и притисоците врз пратениците, ќе биде запишан во аналите на македонскиот парламентаризам и како еден од одлучувачките за тоа дали земјата ќе продолжи низ интеграциската траекторија или ќе се врати во слепата улица на изолацијата.
Со повикот за дијалог со сите пратенички табори за подготовката на уставните амандмани, премиерот Заев веќе ја фрли ракавицата и за такво помирување – преку вклучување на сите релевантни политички фактори во процедурите што следуваат. Сега е повторно на потег опозицијата, иако во меѓувреме таа ја изгуби одлучувачката улога во клучните процеси во парламентот, особено откако ги исклучи од своите редови пратениците кои гласаа „по сопствено уверување“. Со тоа што отсега ВМРО-ДПМНЕ нема да има влијание како порано при обезбедување двотретинско мнозинство, слабее и нејзината моќ за блокада на процесите и за условувања, какви што беа тие за амнестија.
Како што ВМРО-ДПМНЕ бараше во изминатиот период да се почитува волјата на граѓаните на референдумот, иако таа волја, ако се апстрахира непостигнувањето на цензусот, воопшто не беше „против“ договорот за името, така сега опозициската партија треба да ја почитува одлуката на две третини од пратениците за пристапување кон уставни измени. Од тој аспект, ВМРО-ДПМНЕ ќе направи гест на добра волја и конечно ќе покаже конструктивност ако се вклучи во процесот на подготовка на амандманите и ако овој пат, без нерационални условувања и обиди за пазарења, даде свој придонесе за подобрување на предлозите за уставни измени. Независно дали потоа ќе учествува во гласањето „за“. Тоа е можеби најдобриот начин за смирување на страстите во политичката арена и за поправање на моментно поразителната слика за Македонија – како држава во која две третини од актуелниот собраниски состав се под полициска заштита.