На претседателот нема кој да му оди на Водно


Претседателот Ѓорге Иванов, кон крајот на овој месец – кога референдумската кампања во земјава ќе биде пред својот финиш – ќе ги спакува куферите и ќе замине на пат во Њујорк, каде што ќе се обрати последен пат пред Генералното собрание на ОН. По подолго време, тоа ќе биде прво патување на Иванов во некој од центрите на светската политика, а можеби и последно, со оглед на неговата минимална меѓународна активност во последните месеци, но и од аспект на тоа што во мај следната година тој заминува од претседателската функција. По принципот на ротација на Иванов му припадна годинава обврска да замине во Њујорк, што претставува своевидно олеснување за него, за патувањето во САД да го искористи како аргумент за неприсуство во земјава на 30 септември иако, според сите проценки, има време да се врати дома дотогаш.
Според неофицијални информации, Иванов на неодамнешната средба со генералниот секретар на НАТО посочил дека на денот на гласањето нема да биде во Скопје, наводно како одговор на забелешките на Јенс Столтенберг дека претставници на државниот врв не би требало да настапуваат со толку тврди ставови во однос на референдумот и договорот за името, кои претставуваат историски чин и стратегиска определба на земјата. Шефот на државата, наводно му посочил на Столтенберг дека трпението на Македонците е при крај и дека може во секој момент да им „прекипе“ поради сите компромиси што биле правени во изминатите години, како што се Рамковниот договор и договорот со Грција. На забелешките на генералниот секретар дека во наредниот период ќе се решава статусот на Косово и дека е добро Македонија што поскоро да влезе под чадорот на НАТО, Иванов наводно одговорил дека меѓународната заедница треба да внимава на Косово, а не да се оптоварува со Македонија.
Столтенберг, всушност, е единствениот висок дипломат што оствари средба со Иванов во изминатите денови, иако во земјава пристигнаа низа звучни имиња од европската политичка сцена, како германската канцеларка Ангела Меркел и австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој своевремено учествуваше и во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, а сега повика на масовна излезеност на референдумот. Оттаму произлегуваат и проценките во политички кругови дека престојот на Иванов во САД и неговото обраќање пред Генералното собрание на ОН, каде што се очекува тој да зборува во одбрана на името, ќе бидат залудни, затоа што македонскиот претседател ќе треба да брани политики што никој од светската политичка елита не ги поддржува. Впрочем, сублиматот од пораките што ги испратија високите европски гости што беа во земјава во изминатиот период е дека референдумот е историска шанса што не треба да се пропушти и дека без спроведување на договорот со Грција нема членство во НАТО и во ЕУ.
Познавачи на состојбите коментираат дека не е практика при билатерални посети на странски политичари од највисок ранг да не се оствари средба со шефот на државата, чија функција во Македонија е формално поставена на самиот врв на државното скалило. Посебно е индикативно што не се одржа средба Меркел – Иванов, со оглед на тоа што ова беше прва билатерална посета на германски канцелар на земјава. За илустрација, во 2008 година тогашниот германски претседател Хорст Келер, кој допатува во Скопје на покана на поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски, се виде и со тогашниот премиер Никола Груевски.
Во деновите на викендот, кабинетот на Иванов на Водно го заобиколи и американскиот сенатор Рон Џонсон кој претседава со Комисијата за државна безбедност и со Поткомитетот за Европа при Одборот за надворешни работи во американскиот сенат. Џонсон во Скопје се виде со премиерот Зоран Заев и со спикерот Талат Џафери, имал средба и со националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, кој беше претседателски кандидат во 2014 година, но не отиде на разговори со Иванов. Американскиот сенатор рече дека е импресиониран од храброста со која е надминат спорот со Грција, а потоа замина во Приштина. За време на престојот во Косово тој се сретна со тамошниот премиер Рамуш Харадинај, но во фокусот на извештаите на медиумите е неговата средба со косовскиот претседател Хашим Тачи. И на следната дестинација – Белград, во прв план е средбата на Џонсон со српскиот претседател Александар Вучиќ, а потоа и состанокот на сенаторот со премиерката Ана Брнабиќ.
Освен што странски дипломати сè поретко влегуваат во неговата резиденција, и Иванов последните месеци ретко патува надвор од државата, за разлика, на пример, од периодот кога дипломатите, главно, комуницираа со него за време на мигрантската криза. Во почетокот на годината Иванов беше повторно во официјална посета на Турција, а летово беше во Анкара и на претседателската инаугурација на Реџеп Таип Ердоган. Во јули, шефот на државата беше во посета на Молдавија, а претходно ја посети Бугарија – на покана на бугарскиот колега Румен Радев, додека премиерот Бојко Борисов ја откажа средбата со македонскиот претседател.
Во последната година од мандатот, која ќе го покаже неговото место во историјата, како позитивна, негативна, продуктивна или контрапродуктивна личност, на Иванов му останаа како сцена за политички мегдан домашните манифестации. Така, за време на викендот беше во Кавадарци на „Тиквешки гроздобер 2018“, каде што остварил средба со градоначалникот Митко Јанчев, инаку еден од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ. Александра М. Митевска