Најважното ветување
Ќе направам Сарај да биде економски развиен и урбанизиран, викна митингашки лани кандидатот за градоначалник, Блерим Беџети. Ја бараше довербата од триесетината илјади граѓани на општината Сарај, колку што се запишани во избирачкиот список. Како главни проекти беа наведени изградба на поликлиника и ревитализација на езерото Треска. Беше крај на септември и почеток на октомври 2017 година. Во една од точките во програмата се споменуваше и дека ќе донесе одлука со која припадниците на поранешната Ослободителна национална армија (ОНА) ќе ги ослободи од плаќање комуналии.
Бидејќи победи на изборите, ексминистерот за правда реши храбро да влезе во битка за исполнување на ветеното. Точно по една година од стапувањето на функција, Беџети, кој е од ДУИ, заедно со другите советници од Беса и од Алијансата на Албанците, се фати за најтешката задача: укинување на обврската за плаќање 250 денари месечно за ѓубретарина за членовите на ОНА.
Во меѓувреме, околу 40.000 жители на Сарај и натаму немаат државна болница во својата општина. Медицинска помош бараат во приватни амбуланти или во клиниката во Ѓорче Петров. Граѓаните се разочарани затоа што уште еднаш останаа излажани. Не дај Боже да имаат зорт во ноќните часови кога нема ниту редовен превоз.
Езерото Треска никако да заживее. Те Градот Скопје го зема под свое, те му го враќа на Општина Сарај, те ќе го прогласуваат за слободна туристичка зона, те водата е забранета за капење, те… Можеби до година ќе биде подобро. Има уште три години од мандатот за да ги исполни ветувањата.
Улиците низ општината и тоа главната што води од Сарај кон Матка или кон Ѓорче Петров е раскопана, прашина има насекаде, валкано е, дуќаните се затвораат, луѓето се иселуваат оти иако дел од градското јадро, се чувствуваат како да не се дел од Скопје. Не, не е тоа од вчера, ама нели затоа градоначалнику по вторпат станавте прв човек на општината – за да ги средите работите.
Беџети треба да ги остави тие сентиментални трикови за десетина поранешни борци на ОНА да го доживеат како спасител затоа што нема да плаќаат 250 денари за ѓубретарина. Тој треба да зборува со нив, барем со оние што сè уште не се иселиле и ќе чуе дека одамна се разочарале и во неговата партија и во државата.
Беџети не треба да се обидува да објаснува оти во неговиот потег нема дискриминација.
Општината пријавила долг од 1,5 милиони евра и сега заедно со Владата, која треба да плати половина од сумата, ќе стигнува до нула. Или барем ќе се обидува. Интересно, и Јавното комунално претпријатие „Сарај“, кое без пари ќе им ги чисти кантите со ѓубре на борците на ОНА, признало дека има загуба од 140.000 евра, па нема логика да се влегува во уште поголем зијан само поради евтин политички маркетинг.
Притоа, градоначалникот и другите советници живеат во етнички мешана средина. Точно, Македонците не се многу на број, но ги има. И лидерот на ДУИ, Али Ахмети, минатата година кога повикуваше да се гласа за Беџети, апелираше и до Македонците заедно да го заокружат неговото име. Дали Беџети мисли дека со тоа што ќе ги стави во повластена позиција припадниците на армија што се бореше против македонските безбедносни сили ќе се подобри соживотот?
Секој од нас треба да даде свој придонес во креирањето еднакво и успешно општество. Со такви потези, Блерим Беџети не го прави тоа. Ако навистина сака да им помогне на борците од ОНА со 250 денари месечно – нека го направи тоа од својот џеб. И да не ја меша општината или државата.
Горан Адамовски