Населбите зафатени од пожарот по ноември ќе бидат соодветни за живеење


По ноември се очекува да се создадат соодветни услови за живеење во населбите зафатени од пожарот на 23 јули во западниот дел на областа Атика, според грчкиот професор по атмосферска физика и геолог Христос Зерефос.

Во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, тој објаснува дека до тогаш, есенските дождови ќе ги отстранат токсичните материи и прашината од зафатените области, додека пак потенцира дека сѐ додека да се врати во нормални услови ситуацијата со животната средина, сите оние кои што ќе се најдат во населбите погодени од пожарите треба да носат заштитни маски.

– Уште првите денови рековме дека секој што ќе се најде во отежнатата средина треба да носи барем маска. Но, секако, луѓето кои побрзаа да проверат дали е спасено нешто од нивниот имот или оние кои се обидуваа да се заштитат од оние кои злоупотребуваат такви ситуации, не беа свесни за опасноста. Атмосферски честички, азбест, диоксиди и многу други супстанции кои се испуштаат од пожарот, кога не гори само шума, туку и куќи, возила и сл, се особено штетни елементи за луѓето, вели Зерефос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, професорот во интервјуто за АНА-МПА, вели дека по една таква катастрофа, како што беа пожарите, она што е поважно од животната средина е психолошката ситуација на преживеаните.

– Постојат луѓе кои живеат во населбите и се чувствуваа среќни што во текот на зимата уживаа во погледот на море, а во лето се капеа. Денес овие луѓе потклекнуваат од емотивната тежина. Не го сакаат повеќе морето, не се приближуваат до него, стравувајќи дека крие и другите мртви луѓе. Животната средина ќе се обнови. Но, за да се постигне тоа наскоро, треба овие луѓе психолошки да се поддржат, да застанат на нозе, одново да се чувствуваат силни, објаснува професорот по атмосферска физика и геолог за АНА-МПА.

Во катастрофалните пожари од 23 јули во западниот дел на областа Атика, животот го загубија 96 лица.