Наместо да се горат милиони, да се користи отпадот од лозјата


Наместо да се горат милиони евра со палење на лозовите прачки што остануваат при резидба на виновите лози, ќе се користи отпадот од лозјата. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев открива дека заедно со раководството на винарската визба „Тиквеш“ размислуваат во таа насока, пишува МИА.

Бидејќи како што вели, толку многу се калорични остатоците од лозовите прачки  и можат да се искористат и за огрев и за други намени. Од друга страна, дознаваме исто така дека во Росоман е купена локација за капацитет за преработка на остаток од лозови прачки во пелети за огрев. Целта е паметно да се искористи отпадот од лозјата и насадите со праски и други овошки, но и да се избегнат и загадувањето на околината, кое се прави со традиционалното палење на отпадот, како и пожарите кои притоа настануваат.

– Заедно со Свето Јаневски од “Тиквеш” имаме разговарано  со словенечка компанија чии претставници  треба да дојдат следниот месец. Ќе направат проби на лозовите насади на винарницата, но и на други кои ќе бидат определени од различни локалитети. Ќе направат физибилити студија,  ќе се обработат тие прачки и ќе бидат првично за употреба на самата винарска визба во делот на парните котли, огревот и трошењето на енергија. Доколку се покаже дека оваа ситуација е рентабилна, ефикасна, а секако ќе биде ефикасна затоа што остатоците од лозови прачки се калорични, можеме да размислуваме за студија за понатамошен  развој и нивна употреба, информира Јанчев.

Нагласува дека  во делот на истражувањето требаат  многу средства.

-Знаете дека се што се истражува подлежи под многу големи финансиски средства. Како општина не можеме сами да направиме некои иновативни или креативни решенија,  доколку немаме европски пари или поддршка надвор од Кавадарци. Мислам деа е ова добар проект да стартува  како индивидуален,  а подоцна да може да се омасовува и проширува со тек на време, додава градоначалникот.

Мал број земјоделци го искористуваат отпадот од лозјата и овоштарниците

Инаку, со години наназад, секоја пролет во најголемиот регион за производство на грозје и праски во Македонија,  се горат купишта  лозови прачки и гранки од праскови дрвца кои остануваат по резидбата. На меѓата речиси од секоја нива лозарите во распламтените огнови ставаат маса од лозови прачки кои светот знае да ги искористи разумно. Огромни чадови од сите страни.

Упатените  и годинава апелираат дека за жал една суровина од регионот со години неповратно оди во воздухот. А може да се искористи барем за две работи, за производство на иверка и производство на брикети за огрев. Нешто што во светот одамна се практикува.

– Доколку од лозовите прачки се направат брикети за огрев, со тоа би се намалила сечата на шумските дрва. Одамна сме размислувале на оваа тема но мислиме дека крајно време е некој да се сети и од ова да направи бизнис. Досега никој не се нафати да ја направи оваа и премногу важна работа. Потребно е организирано да се собираат лозовите прачки од регионот кои во изобилство остануваат по резидбата. Лозарите би добиле соодветна цена за изнесување на отпадот од сопствените лозја. Отпад кој всушност претставува неискористена енергија која така се фрла без соодветно да се употреби, велат лозари со кои разговаравме на оваа тема.

Додаваат  дека неискористени исто така остануваат и гранките од кроењето на прасковите дрвца  во најголемиот регион за производство на праски во државата,  Росоманскиот. И овде се фрла голем отпад од овоштарниците кои произведуваат, како што знаат да се пофалат,  еден процент од светското производство на праски.

Лозарите Тасо Бошков од кавадаречкото село Сопот и Воислав Стошиќ од росоманското село Сирково  кажуваат  дека е мал бројот на оние лозари и овоштари кои имаат посебни машини за мелење на прачките.

– Со дробењето на прачките од лозјата и гранките од прасковите дрвца со посебна дробилка, тие остануваат во нивите и ги ѓубрат. Убаво е да се има таква машина, ни признаа и двајцата,  кои во Тиквешко важат за големи и искусни  производители на грозје.

Прачките причина и за пожари

Некои од  лозарите со кои разговараме ни рекоа дека за да купат дробилки потребни им се и појаки трактори оти нивните трактори ги немале потребните коњски сили за да може на нив да се постави една таква опрема.

Рака на срце, има и такви кои дел од лозовите прачки ги складираат па со нив горат оган кога прават зимница во ќумбињата по дворовите или во казаните кога печат ракија. Некои во зима со нив си ги потпалуваат домашните огнови.

– За постојано да се грееме со нив кога не се во брикети не можеме, оти тие набрзина горат па треба постојано да ја отвораме и затвораме вратата од шпоретот при што ни се чадат домовите, објаснуваат тиквешани.

Има и такви кои на шега коментираат дека виновите лози како да знаат колку несериозно се однесуваат луѓето овде со нивните отсечени лозови прачки, та затоа плачат при резидбата.

Освен што се загадува околината, со горењето на лозовите прачки секоја пролет во Тиквешко се предизвикуваат и пожари. Бидејќи горењето на прачките развива многу поголеми температури отколку горењето на обичните дрва за огрев. Ова го потврдуваат и во територијалните противпожарни единици  во Кавадарци и Неготино.

– Поради невнимание при горењето на лозовите прачки на пролет, секоја година  имаме пожари на отворен простор, велат за МИА командирите Илчо Богевски и Иле Илиев.